Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ денеска беше отворена изложбата на слики на самоуки уметници пензионери.
Изложени се 16 уметнички слики работени во различни техники.
Имаме графики, масло на платно, масло на некоја друга подлога. Меѓутоа тоа е она што пензионерите во своето слободно време го направиле. Двајца од нив за првпат учествуваат, додека другите двајца веќе учествувале на изложба. Ова е поттик да ги афирмираме нашите пензионери, да го покажат она што го работат дома.- вели Славица Ламбаша, претседател на комисија за културно - уметнички самодејности во Здружение на пензионери Куманово.
Еден од учесниците, Будимир Стојковски - Љубе има 82 години и од 1949 година се занимава со сликање. Досега учествувал на повеќе изложби во главниот град, а за оваа изложба подготвил пет слики.
Се инспирирам од природата, од пејзажите. Сликам цвеќе, мртва природа, се што постои. Многу од моите слики сум ги продал. Не знам точно колку слики имам насликано, многу се. Сега сум пензионер, но претходно работев во фабрика, и тогаш цртав - вели Стојковски.
На изложбата има слики од Будмир Стојковски - Љубе, Перо Додевски, Драги Глигоровски и Борис Арсовски.
Изложбата ќе трае до 5 ноември.