Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот на последната седница даде согласност за 76 нови вработувања во ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово. Со 15 гласа за и 14 против советниците го поддржаа предлогот за Измени и дополнувања на годишен план за вработување за 2023 година, со кој претпријатието ќе може да вработува нови луѓе за кои ќе има потреба во текот на годината.
Директорот Даниел Стојчевски го бранеше предлогот дека нема да има нови вработувања, туку се работи за трансформација на работни места од определено на неопределено време на 46 оперативци, кои работат на читење на улиците и на собирање на смет, додека 14 административни службеници за новото одделение, за кое добиле забелешки од Државниот завод за ревизија и Министерството за информатичко општество, нема да се вработат во моментот.
„Барањето претежно се однесува за општи работници кои се неопходни за нормално функционирање, за подобрување на хигиената во градот. Обемот на работата се зголемува и на зелените површини и на изнесување на смет. Најголем дел од луѓето веќе работат на определно време, барањето е за трансформација на работниот однос. Формирањето на новото одделение, по новата систематизација повлекува вработување на најмалку 5 лица, затоа што се потребни претпоставен раководител на тие одделенија, по минимум еден советник и најмалку 2 извршители. Останатите се за пополнување на упразнети места по основ на пензија или оставка, или доколку се појави некоја неопходност или неминовност “, појасни Стојчевски.
Опозициските советници се посомневаа во мотивите на ваквиот предлог.
„Зошто го менувате статутот, во планот ви се 76 нови вработувања, барате бланко согласност и доколку во иднина ви се јави потреба вие ќе го рализирате планот, мене ми изгледа како намерна манипулација со јавноста, што има за цел да се наполнат ЈП со лица блиски до вашите политички убедувања и до вашата политичка организација“, кажа Арта Адеми, советничка од ДУИ.
Финасиските импликации и колку овие вработувања би го оптеретило јавното претпријатие се дилемите што јавно ги искажа советникот на СДСМ -Александар Јовановски, со оглед на тоа дека се работи за субјект - загубар.
„46 лица веќе работат на определно време и за тие вработувања плаќаме одреден процент затоа што се ангажирани преку Агенција за привремени вработувања. Со трансфомација на работниот однос веќе нема да се плаќа тој процент и ќе имаме намалување на трошоците. И од административниот дел веќе работат тројца, за останатите 10 претпријатието ниту има потреба ниту средства за нивно ангажирање. За унапредувањата се работи за испразнети работни места - бригадири, шефови и се пополнуваат со внатрешна реорганизација во рамките на претпријатието“, дообјасни Стојчевски.
Тој предходно кажа дека околу 80 отсто од приходите на претпријатието се даваат за плати и надоместоци на вработените, додека останатите се користат за тековни трошоци на јавното претпријатие.