×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Како се славел Бадник во Старо Куманово

    06.01.2020 17:03 | KumanovoNews

    Славењето на Бадник некогаш се разликувало од ова како се слави денес. Постарите кумановци се сеќаваат дека празнувањето на овој празник над празниците, било поскромно, но со многу љубов и посветеност заради Христовото раѓање.

    Како се славел Бадник во Старо Куманово

    На тогашната трпеза на Бадник имало повеќе видови на лепчиња кои ги месела домаќинката. Биле во различна форма и големина наменето за одредени членови на семејството, добитокот или за целото домаќинство. Се подготвувале „кравајчиња“ т.н бисаги и куклички. Бисагите биле во вид на осмица за машките деца, додека пак куклите на кои им се правел фустан и им се обликувало лице, биле за женските дечиња. Потоа, имало погача која била наменета за добитокот, како и „вечерњак“, кој се украсувал со вилушка, лепче со паричка, зелник со праз, испечена блага печенка, сарма и посен грав, а за пиење само црвено вино и греана ракија. Исто така се вареле и сливи кои народски биле познати како „воќки“, кои претходно биле берени, сушени и потоа нанижувани на конец, кои биле чувани за Бадниковата трпеза. Се ставале и јаболка, круши, костени, ореви и лешници.

    Вечерата се служела на земја во слама или на креденче, а бидејќи тоа било мало, на децата обично им правеле некое мало масиче и така ги спојувавме едно до друго и ја поставувале вечерата на која немало никаква бовча. На вечерата исто така била ставана и свеќа и крстена водичка, а јадењето било сервирано во железни чинии, гравот во грне. Домаќинот заедно со натрупаните дрвја внесувал и гранче бадник, а пред вечерата била кажувана молитва. Потоа заедно со лебот кој бил наменет за добитокот се кружело трипати околу шталата и потоа по малку им се давало на сите животни, а пак гравот не се јадел туку се расипувал во ниви. На оној на кого ќе му се паднела паричката се сметало дека ќе биде најздрав во текот на годината и со тоа ќе се грижи за сите останати во куќата.

    „Многу работи правевме порано, денес иако исто така се прават, јас имам чувство дека нешто недостасува, можеби е тоа празничното расположенние при приготвување на трпезата, искрено не знам. Ако мене ме прашате, јас тогаш бев многу посиромашна, денес имам се`, но со сигурност бев посреќна во тоа време. За само половина век се смени се`“, раскажува баба Младенка од село Режановце, која вели дека првите Бадникови вечери ги дочекале во куќа со три мали трошни соби, а во нив живееле осум луѓе.  

    На сите добро ни е позната реченицата „кај и да си за Бадник дома да си“, па така во тоа време сите мажи кои работеле подалеку од нивните домови, вклучително и нејзиниот маж земале одмор и целиот месец го поминувале дома. Иако овој празник е празник на најавувањето на Христос, тој бил и празник за празнување на заедницата и иако се велело дека тој празник треба да се дочека во семејството, сепак вратата била отворена за сите.

    „Ако Исус на вратата ви се појави како просјак и вие не го примите, а и нели сите ние сме негови чеда, па ние сме храмот божји, зарем треба да ги затвораме вратите за другите луѓе“, - вели Младенка.

    Во тоа време во јануари снегот бил до колена, па наместо сите да се собираат и да палат оган, шетале низ селото неколку кругови и се шегувале, а децата биле вистинска радост буткајќи се низ снегот.

    „На тој ден, ретко мислам дека можеше да се сретне пијан човек, најчесто се среќаваа насмеани деца и луѓе кои кога шетаат ќе застанат речиси пред секоја порта и ќе ве поздрават. Но тоа веќе го нема, тоа некаде во минатото си има заминато. Денес сите како да се плашат да излезат надвор и се кријат во своите домови", додава на крајот постарата жена.

    Додека пак, за во кумановско постарите луѓе велат дека порано коледарите не оделе на Бадник, туку на Василица. Тоа делење на крушки, јаболки, косетени, смокви сепак се случувало, но се делело на децата кои биле присутни на масата, а децата радосно во кесичка си ги собирале производите и си ги делеле за да имаат од нив да јадат три дена.

    Славењето на овој празник над празниците не подразбирало палење на оган, пуштање на музика и пијанчење, затоа што со таквиот начин на славење се сметало дека се губи целта на празнувањето и се осквернавува празникот.

    (Фросина Марковска)