Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Десетина кандидати за градоначалници од Изборна единица 2 денеска во Центарот за култура го потпишаа Kодексот на однесување за слободни и фер избори за претстојните локални избори.
Тие се надеваат дека изборите ќе поминат мирно, во демократска атмосфера, а граѓаните ќе го изберат најдобриот кандидат.
Ова е добро затоа што е во интерес на развој на демократијата во нашава земја, во интерес за сликата што ќе ја имаат соседните земји и ЕУ за нас. Највеќе е во интерес затоа како политички субјекти во очите на граѓаните мора да демонстрираме еден висок морал со кој како личности ќе бидеме карактеризирани како луѓе кои имаат доблест утре да ја водат локалната самоуправа - изјави Зоран Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник од ВМРО - ДПМНЕ.
Кандидатот од Српската напредна партија, Предраг Божичковиќ смета дека малите партии се занемарени од медиумите и нивните кандидати многу малку се промовирани.
Не се само ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ. Ние сме мала партија, но имаме големи идеи за овој град. Сметам дека тие идеи треба да ги пласираме пред граѓаните, а тие да гласаат за оние со најдобрите идеи. Ја застапувам СНП, а по вокација сум космополит. Ако меѓу пациентите важам за добар дијагностичар, таков ќе бидам и градоначалник. Тие имаат доверба и ми го доверуваат своето здравје, и ќе гласаат за мене. Една од добрите идеи е Мултиетнички бизнис центар кој треба да биде финансиран од фондовите на ЕУ. Тој ќе има мултиетнички канцеларии за бизнис каде што ќе бидат сместени нотари, банки, база на податоци ќе има за мултиетнички заедници кои ќе пружат логистика - вели Божичковиќ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека медиумите во 90 отсто се провладини, а опозицијата нема рамноправни услови за промоција.
Како што почна изборниот циклус на сите во Македонија им е јасно дека не може да има фер избори. Фер избори не е само пуштање на ливче во избирачка кутија. Фер избори се целиот избирачки процес и цела камапња. Ако погледате на сите национални медиуми, 95 отсто е застапена една политичка опција и антипропаганда на сите други опции. Јасно е во вакво општество живееме. Тоа беше борбата на “Отпорот“ да се створат медиумски услови за фер избори. Им порачувам на моите противници, на никого не сум упатил навреда, да се натпреваруваме со идеи и проекти, а не со лични дискредитации - рече Дамјановски.
Албанските кандидати порачаа граѓаните да бидат смирени и да нема провокации. Ваков кодекс се потпишува првпат за локални избори. Организатори се Институтот за парламентрана демократија и Националниот демократски институт за меѓународни односи.