Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Професори и експерти вчера попладне го посетија село Пчиња и на земјоделците им даваа совети како да ги заштитат културите од климатските промени.
Мотото на караванот е “Поплава, суша, студ, да го спасам мојот труд“. Фармерите како превентива треба да го засенат расадот со мрежи, да го заштитат од слана, град, да го зголемат наводнувањето, а со тоа и влагата во почвата.
Пред земјоделците се обратија американскиот амбасадор Пол Волерс и градоначалникот Зоран Дамјановски. Амбасадорот се пофали дека Американската амбасада цели 20 години работи на унапредување на земјоделството и развојот на селата.
Знаеме дека последици од климатските промени се високите температури, суши и треба да се намалат тие влијанија. Соработуваме со Агенцијата за развој на земјоделството за нови технологии со кои што ќе им се помогне на земјоделците во Македонија - изјави Волерс.
Градоначалникот Дамјановски смета дека земјоделството е основна гранка на македонската економија, а проектот на УСАИД е повеќе од потребен за земјоделците.
Основен проблем на овој регион е загадувањето на подземните води. Знаеме дека најголем проблем е депонијата, односно ѓубриштето кое е во непосредна близина. Локалната самоуправа и регионот прават напори тоа да се реши. Ова е еден од најплодните краеви во Македонија, познат по раноградинарското производство и со решавање на виталните проблеми локалната самоуправа директно ќе се вклучи во заложбите за рурален развој, за развој на земјоделството, за посреќен и побогат граѓанин на Куманово и на Пчиња - рече Дамјановски.
Оливера Кузевска од село Пчиња тврди дека со препораките од УСАИД, со засенчување на пластениците добила за 10 отсто поголем принос на раноградинарски култури.
Тригодишниот проект на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени почна лани во април, и планирано е земјоделците масовно да се вклучат во проектот со примена на нови технологии.