×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Полицајци од СВР Куманово казнети за дискриминација врз колега по основ на политичко убедување

    20.04.2023 17:01 | Жаклина Цветковска

    Четворица полициски службеници од СВР Куманово се казнети за директна дискриминација сторена по основ на политичко уверување во областа работа и работни односи.  Казната е изречена од надлежниот суд за прекршоци - Основен суд во Куманово, кој на четворицатаа дискриминатори им досудил прекршочни санкции, односно глоба од 250 и 400 евра.

    Полицајци од СВР Куманово казнети за дискриминација врз колега по основ на политичко убедување

    Ова  е воедно прва пресуда во државата со која судот казни дискриминатор по барање поднесено од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која донела мислење со кое утврдила вознемирување.

    „Во претставката, подносителот има наведено дека во повеќе наврати врз него е вршена дискриминација и вознемирување од страна на службени лица во СВР Куманово, при што му е создавана професионална деградација и континуирана несигурност. КСЗД констатираше низа непотребни и неосновани обвинувања кон подносителот на претставката од страна на полициски службеници во органите на СВР Куманово, кои предизвикувале вознемирувачко чувство и загриженост кај личноста и препорача дискриминаторите да му се извинат во присуство на претпоставен раководител. Поради непостапување по препораката, Комисијата поднесе прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, при што, во судска постапка, Основниот суд во Куманово, ценејќи ги доказите приложени од КСЗД, четворицата дискриминатори ги прогласи за виновни и им изрече прекршочни санкции“, стои во соопштението на Комисијата.

    Членовите на оваа Комисија, на трибина во Крива Паланка, посочија дека поради дискриминација досега биле сменети 9 началници во МВР, а утврдена е дискриминација и кај градоначалници, министри, директори, давајќи до знаење дека нивната работа има резултат и ефекти за спречување и превенирање на оваа штетна појава.

    „Комисијата работи крајно професионално и неселективно и за кратко време постигнавме  висока доверба кај граѓаните.  Тоа го покажува и бројот на претставки кој од година во година расте за 150 отсто, а годинава имаме по една претставка дневно. Најголем број од предметите се претставки, но работиме и по служена должност. Ги поттикнуваме и охрабруваме сите што се среќаваат со било ко вид на дискриминација да го пријават случајот кај нас“, истакна Ирфан Деари член на Комисијата.

    Во 2022 година , Комисијата имала 255 нови предмети за заштита од дискриминација од кои 248 претставки од граѓани и правни лица и 7 постапки по службена должност. Во 70 случаи била утврдена дискриминација  и тоа во 36 случаи во јавното информирање и медиумите, 15 во работата и работните односи, 10 во пристап до добра и и услуги, 5 во образованието,  2 во здравственото осугурување и заштита и по еден случај во спортот и во дејствувањето на граѓанските здруженија.  Во 16 случаи биле исполнети препораките на КСЗД за отстранување на дискриминацијата, а за 14 се поднесени барања до надлежен суд за поведување прекршочни постапки од кои 9 се веќе во судска постапка.

    „Најчесто пријавени области за дискриминација се работните односи и јавното информирањ , но добиваме пријави од речиси сите сфери на општественото живеење. Најчести основи за дискриминација, пак, се сексуалната ориентација, припадност на маргинализирана група, лично својство и општествен статус, родов идентитет, национална или етничка припадност и пол“, подвлече Лимко Безаровски, член на КСЗД.

    Тирбината за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација,  со наслов „Здружени и гласни за општество без дискриминација ја организираше  Мрежата за заштита од дискриминација, заедно со КСЗД, во рамки на проектот „Видливи, здружени и гласни – Акција за еднаквост и недикриминација преку учество и мултисекторска соработка“, спроведуван од Коалицијата „МАРГИНИ“, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛАГ Вардар Леадер и КСЗД, поддржан од Програмата Цивика Мобилитас.

    „Идејата е да се информираат граѓаните од сите 7 региони во државата за пристапот до Комисијата и механизмите за заштита од дискриминација, да се мапираат проблемите,  да се воспостави соработка со општинските тела и да се најават отворените денови за бесплатни правни совети, со цел да  се зголеми ефикасноста во спречувањето на дискриминацијата и да се охрабрат граѓаните да поднесуваат претставки“, рече Нашата Петковска од Хелсиншкиот комитет.

    Во Крива Паланка соорганизатор на трибината беше ЛАГ Осоговски лисец, а учествуваа претставници од Општината, координатори за еднакви можности и граѓански организации.