Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Високообразовната установа Еуро Колеџ од Куманово, годинава слави голем јубилеј - 20 - години постоење и успешна работа. По тој повод на 11 Ноември - Денот на ослободување на Куманово, установата свечено ќе го одбележи денот на основањето.
Љубиша Петрушевски, основач и декан на Еуро Колеџ, вели дека оваа година за нив не е само бројка, туку потсетник на дведецениската посветеност и работа, за да се изборат за местото на кое денеска се наоѓаат.
„Во последните 20 години илјадници луѓе од градот работат со наши дипломи, на различни позиции што и беше дел од планот. Ние не сме само образовна, бизнис и приватна установа, туку сме и социјално одговорен субјект - ние го направивме она што беше невозможно, а тоа е Куманово да има високо-образование и мислам дека по тоа ќе останеме запаметени“, вели Петрушевски.
Тој се сеќава дека нивните планови од самиот почеток биле амбициозни, почнале со британско образование и сакале да станат национален образовен центар, но смета дека државата не ги препознала нивните намери и нe го добиле третман кој го заслужуваат.
„Јас и моите колеги, кои не има околу 20 на национално ниво докажавме дека има место и за приватно образование. Морам да кажам дека сме нефер третирани од страна и на институциите и на медиумите. Ако некој сака да каже нешто лошо за образование секогаш жртвено јагне ќе им биде некој од приватните. Иако до сега, пракста покажува дека во овие 20 години сите скандали беа поврзани со државното образование од корупција, подмитување, давање на дипломи кои не се квалитетни, немање на услови за работа, професори итн, но за тоа се молчи. Тие се контролирани од партиите на власт“, додава Петрушевски.
Денеска е малку поинаку, смете тој, но пред 20 години кога спомнавме дека ќе донесеме приватно образование или, пак, дека воопшто ќе имаме високо образование се појави огромен отпор од сите институции, па и од јавноста.
„Ние сме горди на она што го постигнавме благодарни на самите граѓани кои беа решени да студираат на Еуро Колеџ. Сега сме во сосема поинаква ситуација. Ја запишуваме 20-та генерација за бизнис студии, бизнис администрација на прв и втор циклус, а истовремено се и уписите за Лондон Метрополитен Универзитет, кој е наш партнер веќе неколку години. Таму дипломираа околу 50-тина наши студенти кои на 4 декември ќе присуствуваат на специјалната церемонија за доделување на дипломите во Лондон. Горди сме што квалитетот на нашето образование го потврдува државен универзитет од Лондон. Ние овозможуваме студиски програми за бизнис администрација, а од оваа година сајбер безбедност, туризам, менаџирање на настани и музички бизнис. Сакавме во Македонија да донесеме академска програма за тоа како се води музичкиот бизнис, кој е мој фаворит“.
Оваа година Еуро Колеџ со партнери од Бугарија отвори Метрополитен колеџ во Софија, за бугарските студенти, но и за оние од Азија, пред се Кина и Индија. Покрај Куманово и Скопје, има интерес и за отворање на универзитет и во Грузија.
Еуро Колеџ годишно запишува од 100 до 150 студенти. Во тек е вториот уписен рок, а третиот, последен зависно од интерсот би требало да заврши некаде до крајот на октомври.
„Нашата учебна година почнува на втори октомври, понеделник. Лондон Метрополитен почнува две недели подоцна, значи на 17 октомври, а Софија Метрополитен ќе започне од февруари 2024 година. На сите 3 локации доста сме успешни ако се земе во предвид дека имаме мал број на луѓе, администратори, ама имаме голем број на професори. Дел од нив се и од странство, веќе неколку години успешно работиме со професори од Малезија, Филипини, САД, Англија и кои предаваат на студиите во Лондон. Наставата се изведува на хибриден начин - дел е онлајн со професорите од странство, а дел е со физичко присуство во Скопје, каде имаме нови простории веќе 2 години. Минатата година одржавме церемонија за доделување на дипломи и беше присутна и заменичката амбасадорка, имаме огромна поддршка од британската амбасада“, вели Петрушевски.
Деканот ги повика учениците кои се уште не се одлучиле каде ќе го продолжат високото образование да го посетат Еуро Колеџ и лично да се запознаат со нивните студиски програми.