Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во централното градско подрачје на Куманово ќе биде изградена пешачка зона со повеќе содржини, која е предвидена со Планот за одржлива урбана мобилност на општината.
Веќе е распишан јавен повик за изработка на проект по што ќе следува негова реализација. Целта е да се обезбеди подобра мобилност и пристапност на граѓаните, истовремено намалувајќи ги надворешните транспортни трошоци, а поддржувајќи го економскиот развој, заштитата на животната средина, како и подобро и поздраво урбано опкружување за сите, а посебено за најранливите корисници.
„При донесувањето на Планот за одржлива урбана мобилност на Куманово беше вклучена пошироката јавност, при што 75 отсто од граѓаните се изјаснија дека сакаат пешачка зона и затворање на централното градско подрачје за сообраќај. Врз основа на нивните барања и потреби ќе се изработи проект за кој поднесувањето на понуди трае до 12 јануари. Потоа ќе следува евалуација и избор на проектантска куќа, која ќе има обврска во рок од 6 месеци да го изработи проектот за пешачката зона“, вели Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Куманово.
Со проектот ќе се дефинира и точната локација на која ќе биде изградена пешачката зона.
„Засега знаеме само дека тоа ќе биде во централното градско подрачје. Како можни локации граѓаните ги посочија улицата „Илинденска“ и спојувањето на двата плоштади пред Тутунска банка и Скопски дуќани. Сепак, со проектот ќе се утврди најпогодната и точната локација“, вели Сларидис Јаневска.
За оваа намена дел од средствата веќе се обезбедени од Буџетот на општината за 2022 година, а останатите ќе се бараат од други извори за финансирање. Изградбата е предвидено да се реализира во текот на 2022/2023 година.
Ова е прв проект што се реализира од предвидените мерки во Планот за одржлива урбана мобилност на Куманово, и тоа од Столбот 2 – Оптимизација на користењето на автомобилите, намалувањето на уделот на превоз со автомобили во вкупната распределба на патувањата, зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на загадувањето и бучавата.
„Истовремено, во рамките на овие мерки, распишан е и повик за изработка на проект за план на зона на смирен сообраќај, што подразбира намалена брзина на движење, односно каде се пропишува движење со брзина од 20-30 км на час. Оваа мерка ќе се реализира во станбените зони за домување“, појаснува Сларидис Јаневска.
Инаку, Куманово е една од ретките општини во државата која има изготвено План за одржлива урбана мобилност со сопствени средства. Ваков план изработен со сопствени средства има уште Велес, а планот на Град Скопје е изготвен со поддршка од странски фондови. Општина Битола е во фаза на изработка на овој план.
„Во планот акцентот е ставен на пешачките и велосипедски зони и на јавниот превоз, како и на подоброто социјално опкружување. Самиот план дава можности да се аплицира за реализација на мерките пред повеќе фондови, бидејќи е според препораките на Европската комисија. Доколку нашата земја стане членка на ЕУ овој план ќе биде задолжителен на ниво на ДУП“, вели Сларидис Јаневска.