Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Батко Ѓорѓија, личноста која произлезе од песната „Умреја Батко Ѓорѓија“ или пак човекот за кого е испеана песната, со години негуван и користен лик во разни видови творештва, лик кој стана омилен јунак, синоним и препознатлив белег на Куманово.
Свој прилог во градењето на „харизмата“ на овој шегобиец, неговото потекло, времето на живеење, односно да го насочи одговорот на прашањето кој е можниот прототип за Батко Ѓорѓија, даде редакцијата на списанието „Корени”.
Врз основа на некои сознанија Батко Ѓорѓија потекнувал од с. Младо Нагоричане, и живеел некаде до седумдесетите години на 19 век. Бил необичен човек кој ги сакал добрите нешта во животот, бил ценет во селото и во Куманово, немал свој пород и со жената си Донка го посиниле детето Арсо. Бил шегаџија, пречекуван во секоја куќа, со респектабилен однос кон него имале и Турците и христијаните. Врлини, особености и би рекле карактеристики, кои можете да ги сретнете кај многу луѓе од тоа, а и од овие сегашни наши времиња.
За да дознаеме нешто повеќе за оваа личност која го краси Градскиот плоштад во Куманово се обидовме да осознаеме, чуеме и други размисли. Во сето тоа беше мошне важно дали ликот на Батко Ѓорѓија произлегол од народот, од пренесување на “приказаната” од колено на колено ( како Итар Пејо) или пак е личност која ја создал еден “автор”, од некое одредено место и време. Од она што можевме да го констатираме врз основа на подолго истражување и разговори со разни субјекти во делот на музичкото и воопшто етно творештво, недвосмислено може да се констатира дека во периодот пред Втората светска војна на овие простори била позната песната чиј јунак бил Батко Ѓорѓија, а од која всушност призлезе личноста за која денес се говори и ќе се говори во Куманово.
Во музичката литература со песната “Умреја Батко Ѓорѓија” се среќаваме со нејзиното обработрување од познатите македонски композитори Власто Николовски и Трајко Прокопиев.
„…Во моето семејство, се сеќава Трајко Прокопиев, беше и чичко Ѓорѓи, средниот брат на татко ми, на кого трговијата му беше животна егзистенција, но беше боем… Својата надареност за музика, поезија, песна ја истакнуваше насекаде. Свиреше таканеречена фисхармоника (клавијатурен инструмент кој се поставува на стол, со десната рака се покренува воздушниот мев, а левата рака служи за добивање на тонови). Кога тој ќе седнеше да свири, истовремено и пееше. Уште како дете секогаш бев со него слушајќи го како пее и свири, дури и тогаш кога ја врзуваше вратоврската “а ла франга…”
Од овие податоци стигнавме до една друга приказна за нашиот Батко, која неговата етногенеза ја бара во Куманово, во познатото трговско семејство Прокопиеви. Првите индиции за тоа ни ги дава самиот Трајко Прокопиев, кога во својата биографска книга ги дава карaктеристиките на неговиот чичко Ѓорѓи, кои ќе признаете се многу блиски до личноста на еден вессел, шегобиен, боемски располежен човек, односно до личноста на Батко Ѓорѓија. Кумановскиот, урбаниот Батко Ѓорѓија, за разлика од оној од с. Млaдо Нагоричане, кој живее во периодот од 1875 до 1936 година. Иако потекнувал од богато трговско семестсво и се бавел со трговија, најмалку бил трговец. Како што можеше да се види ги сакал другите страни на животот и истите максимално ги ползувал благодарејќи на состојбите во семејството Прокопиеви и својот весел и раздраган смисол за животот. Впрочем и “приказните “ за овој човек што можете да ги слушнете од потомците на Ѓорѓи Прокопиев се недвосмилеслени во тоа дека кумановскиот Батко Ѓорѓија е всушност нивниот дедо, татко или пак стрико Ѓорѓи, кој ги има сите атрибути на еден таква личност. Можеби малку помодифицирана на оној лик од народната песна. “Умреја Батко Ѓорѓија”. На градските гробишта во Куманово, на споменикот на семејната гробница на Прокопиеви можете да се сретнете со ликот на споменатиот Ѓорѓи и неговата сопруга Јулијана. Тој е облечен во модерна градска облека, костум, бела кошула и кравата, нема качкет, но како што велат од неговото семејство истиот го носел. Ликот му е бистер, очите ведри и немирни…. А терминот батко бил израз кој бааги се употребувал во Куманово, а поединци, посебно од постарите градски семјства и “чаршиски” луѓе го употребуваат и денес.
До нови сознанија дојдовме и при транскрипцијата на тексот на пиесата “ Ленче Кумановче”, од текстот на “Бегалка” на македонски литературен јазик (прво издание 1950 г.) на кумановски говор. Имено уште во 1926/27 година кога е пишуван текстот на “Ленче Кумановче”, во него, меѓу другите битови народни песни ја има и песната „Умреја Батко Ѓорѓија“. Тоа значи дека оваа песна за нашиот јунак била позната уште во втората деценија на 20 век, ако не и порано.
(Димитар Масевски)