Концептот „Безбеден град“ помеѓу технологијата и човекот
Зошто технологијата не е доволна без психолошка сигурност и човечка одговорност?
Повеќето градови во Македонија меѓу кои и Куманово, сè повеќе се обидува да се позиционира како safe city - безбеден град. Камери, патроли, апликации, стратегии. Но додека системите се унапредуваат, останува едно клучно прашање: дали граѓаните навистина се чувствуваат побезбедно?
Безбедноста не е само инфраструктура. Таа е чувство. А чувството живее во психата на луѓето.
Психолошката безбедност не се мери со камери
Постои разлика меѓу реална и перцепирана безбедност. Градот може да биде статистички побезбеден, а луѓето сепак да живеат со стегнато чувство на страв.
Мозокот реагира на приказни, искуства и вести, а не на статистика. Еден инцидент споделен десетици пати на социјалните мрежи може да тежи повеќе од години мир. Ова е availability bias – кога она што е видливо ни изгледа почесто и поопасно отколку што навистина е.
Град на аларми создава граѓани во аларм
Постојаните предупредувања „внимавај“, „пријави“, „биди на штрек“ создаваат хронична анксиозност.
Последиците се видливи: зголемена раздразливост, намалена толеранција, повеќе агресивни реакции и повлекување. Градот станува место каде луѓето не се чувствуваат заштитено, туку постојано изложено.
Зошто мислењата се поделени околу камерите
Реакциите околу камерите секогаш се поделени. За едни тие се симбол на заштита, за други тоа претставува недоверба и ограничување на приватноста.
Психолошки, ова произлегува од различни потреби: дел од луѓето имаат силна потреба од сигурност, а други од автономија. Кога системот ги игнорира овие различности, неизбежно се јавува отпор.
Што реално можат да придонесат камерите
Камерите имаат реален бенефит. Тие можат да делуваат превентивно, да помогнат во побрза реакција, да обезбедат докази и да ја зголемат одговорноста во јавниот простор.
Но психолошкиот ефект зависи од контекстот. Кога се воведуваат транспарентно, со правила и комуникација со граѓаните, тие ја зајакнуваат довербата.
Надзор или сигурност?
Камерите не создаваат култура, тие ја рефлектираат постоечката. Во средина со доверба, тие се алатка. Во средина со страв и поделби, тие се симбол на контрола.
Прашањето не е само дали ни требаат камери, туку како и зошто ги користиме.
Да, safe city е добар чекор – но не е доволен
Воведувањето на safe city концептот е позитивно. Технологијата и системите можат да помогнат. Но тие не можат да ја преземат целата одговорност.
Ниту една камера не може да ја замени човечката одговорност. Ниту еден систем не може да надомести отсуство на емпатија и култура. Безбеден град се гради одозгора и одвнатре, преку секојдневните избори на граѓаните.
Психолошка свесност како клучен дел од безбедноста
Технологијата не е неутрална, но не е ни самостојна. Таа е создадена од човечки искуства, од минати грешки, стравови и потреби, и се усовршува со време. Камерите, алгоритмите и системите се резултат на она што сме го научиле. Но, тие не можат да ја заменат нашата свесност за последиците од нивната употреба.
Психолошката зрелост почнува таму каде што човекот престанува целата одговорност да ја префрла на системот. Кога сме свесни како реагираме на информации, како стравот се пренесува и како вниманието ни се лепи за негативното, стануваме поотпорни и посмирени граѓани.
Да се биде психолошки посвесен значи:
– да не реагираме импулсивно на секоја вест или снимка
– да разликуваме реална опасност од психолошки засилен страв
– да разбереме дека чувството на несигурност често не доаѓа од улицата, туку од начинот на кој ја обработуваме реалноста
Технологијата може да помогне, но свесноста е таа што нè прави посилни. Без неа, и најсовремениот систем може да создаде повеќе анксиозност отколку сигурност.
Што навистина го прави градот безбеден
Живи и осветлени јавни простори. Институции што се присутни и пристапни. Транспарентна комуникација. Чувство дека проблемите се слушнати. Култура на грижа, не само на санкција.
Безбедноста почнува таму каде што граѓанинот се чувствува вклучен и важен.
На крајот едно суштинското прашање
Дали сакаме град во кој само поставуваме камери, или град во кој граѓаните и системот ја делат одговорноста?
Вистинскиот безбеден град не почнува на бандера или во сервер. Тој почнува во психата и однесувањето на луѓето.
Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки