Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура во Куманово утре /петок/ со почеток во 19 часот концерт на пијано ќе одржи Горјан Стојановски од Битола, студент на Факултетот за музички уметности во Скопје, во класата на вонредниот професор Елена Атанасовска.
„Горјан Стојановски има многу успешни настапи во земјава и пошироко, а добитник е и на повеќе награди на реномирани светски натпрвари. Затоа и го одбравме да настапи пред кумановската публика и дапокаже дел од својот раскошен талент и одлична и свестрана техника, особено за толку млад човек и студент. Сигурен сум дека публиката ќе ужива“, велат од Центарот за култура Куманово.
На програмата се Јохан Себастијан Бах со „Прелудиум и фуга ДТК1 бр. 6 d-moll“,Лудвиг Ван Бетовен со „Соната оп. 10 бр. 3 D-dur“,Фредерик Шопен- Етида оп. 25 бр. 9,„Годишните времиња“ на П. И. Чајковски, Увертира од операта „Севилскиот бербер“ на Росини/Шенберг.
Горјан Стојановски (20) го освоил високото второ место на светскиот онлајн-натпревар „Persatuan Chopin Malaysia“во Малезија, во конкуренција од стотици кандидати од пет континенти. Во 2020 година ја освоил трета награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград, на натпреварот „Полихимнија“ 2020 година освојува прва награда и награда за најдобра интерпретација на дело од Бетовен. Во 2021 година освојува прва награда на пијано натпреварот во Идрија, Р. Словенија и прва награда на државниот натпревар „Хармонија“ во Македонија. Настапувал во земјата и странство.
Во 2021 остварува два самостојни пијанистички рецитали во Скопје и Битола. Уште од многу мала возраст Горјан пројавува афинитети кон диригирањето па има посетувано неколку курсеви и мастер часови кај познати светски диригенти и предавачи.Настапувал како диригент со симфонискиот оркестар на пловдивскиот оркестар.