Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при вчерашната работна посета на Куманово го посетија и основното училиште „Браќа Миладиновци”, во кое учеле и двајцата, при што кажаа дека е во тек постапката за санација на кровот.
„Што се однесува на објектот на „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, Владата пред краток период донесе одлука за комплетна санација на покривот којшто протекува. И во моментов се одвиваат подготвителните активности за отпочнување на реконструкцијата“, изјави премиерот.
Училиштето „Браќа Миладиновци“ догодина одбележува значаен јубилеј - 70 години од своето постоење и работење, но се соочува со проблем во редовното изведување на наставата бидејќи протекува кровот, па дел од учениците од почетокот на годината учат во гимназиските простории.
„На мое големо задоволство, на 30 август годинава како Влада донесовме одлука со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН оваа година да обезбедиме околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот во кој се лоцирани училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата“, објави министерот.
Премиерот кажа дека во моментов се работи на усогласување на планската документација меѓу Општина Куманово и Министерството за образование и наука за проектирање и изградба на училиштето „Сами Фрашери“.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk