Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Крива Паланка по четврти пат е најубаво украсен град во Македонија за Новогодишните и Божиќни празници, a жителите веќе ја живеат магичната бајка во пресрет на Новата 2025 година.
Општина Крива Паланка сосема заслужено се оценува како „град што блеска“ или „најубаво украсен град во државата“.Поставени се светлосни завеси, ѕвездено небо, две елки со висина од 10 метри и бројни други новогодишни украси. Акцентот е ставен на Градскиот плоштад и општинската зграда, каде има атрактивни и светлечки новогодишни украси, а граѓаните и посетителите ги користат за да направат новогодишни фотографии за спомен и да го доловат празничното доживување.
Градот е украсен на површина од повеќе од 15 илјади м2, почнувајќи од канделабрите на влезовите во градот, преку поставена декорација на Градечки и Шанин мост, на улицата кон манастирскиот комплекс„Свети Јоаким Осоговски“ и на магистралниот пат кон граничниот премин Деве Баир. Најбогато се украсени Градскиот плоштад и плоштадот „Карпошово востание“ пред општинската зграда.
„Главен мотив на градоначалникот и општинската администрација е желбата за убава празнична атмосфера, задоволни граѓани и насмеани и среќни детски лица. Поставени се илјадници светилки, светлечки инсталации и штандови со празнична новогодишна тематика“, истакнува Лилјана Стојановска, соработник за односи со јавност.
За декорација на градот е ангажирана фирмата „Линк медиа плус“ од Скопје, која за десетина дена завршила со поставување на целокупната опрема. Целокупната сума издвоена за овој проект е 1,765 милиони денари (нешто помалку од 29 илјади евра), пари обезбедени од буџетот на општината. Во потпишаниот договор стои дека демонтажата треба да се изврши од 20 јануари до 1 февруари 2025 година.
Празничното, новогодишно руво на Крива Паланка предизвика воодушевување кај поголем дел од граѓаните. Сметаат дека ова е одлична реклама за градот, можност за развој на празничен туризам и одличен начин да се заврши 2024 во најубаво светло.
„Изрекламирајте го ова убаво, направете убава новогодишна програма и работете на празничниот туризам. Гостите кои би поминале 2-3 ноќи во Крива Паланка секако имаат што да видат овие денови, а тоа е бенефит за целиот град и општината“, е еден од коментарите на паланчани.
Во Крива Паланка во подготовка е и празничната културно уметничка програма, која ќе биде објавена деновиве. Во текот на празничните денови се очекува на плоштадот да има понуда која ќе е наменета за граѓаните од сите возрасти, но акцент ќе се стави на децата и нивна анимација. И секако , и годинава се очекува Дедо Мраз да пристигне на „невообичаен“ начин,
но ова изненадување се уште се чува во тајност.