×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кривопаланчанка една од малкуте жени во државата што вози шлепер

    27.07.2021 06:26 | Жаклина Цветковска

    Снежана Танчиќ од Крива Паланка е една од ретките и храбри жени во државата и во регионот, која што вози шлепер. Иако има завршено високо образование и долги години работела во образованието, пред неколку години мирната и сигурна работа ја заменила со непозната и турбулента професија, која кај нас се уште е резервирана само за мажите.

    Снежана денес е директор на успешна транспортна фирма, која ја основале заедно со сопругот и во изминатите години успеале да остварат сигурен бизнис, европски соработници и клиенти, но на почетокот требало голема посветеност, храброст и амбиција за да го реализираат замисленото. Со многу труд и енергија, Снежана успејала да ги надмине сите предизвици и предрасуди со кои се среќавала, се со цел да обезбеди подобра иднина за своите деца и семејството. Денеска во нејзиното СВ се испишани илјадници километри поминати по европските патишта, но и многу анегдоти на кои со задоволство се сеќава.

    „Почнавме од нула. Ја продадовме куќата и започнавме со транспортниот бизнис. Многумина не веруваа во нас, но успеавме. Во 2017 години положив за потребните категории товарни возила и седнав зад воланот на камионот. И воопшто не ми беше тешко. Полесно е од возење на автомобил, затоа што има поголема прегледност. Јас имав желба, сакав да научам и тоа ме исполнува“, вели Танчиќ.

     

    Таа била наставник по физичка култура во ООУ„Јокаим Крчовски“ во Крива Паланка, но откако во 2011 година го запознала сопругот, решила да се префрли во транспортот. На почетокот само патувала со него правејќи му друштво, а потоа станала и професионален возач на камион. Иако, оваа професија кај нас се уште се смета за исклучиво машка, Снежана нема такви предрасуди. Вели дека можеби за Македонците тоа е чудно, но во Европа камиони возат многу жени и тоа е нормално прифатено.

    „Низ Европа има многу млади девојчиња, по 25 години, кои возат сами, без придружба и тоа е сосема нормално. Ги среќавам секојдневно. Но, овде, во Македонија, тоа се уште е чудно, се уште делиме многу професии на машки и женски. Јас не се согласувам со таквата поделба. Кога се има желба и љубов, се може да се научи и се да се работи“, категорична е Танчиќ.

    Темпераментниот карактер, љубопитноста и храброста да се соочува со предизиците ја привлекле кон овој бизнис, а влијаело и тоа што израснала и што била постојано во придружба на професионални возачи. Во детството нејзиниот татко, а подоцна нејзиниот сопруг.

    „Многу бргу ја засакав оваа професија и и се пронајдов во неа. Откако ја отворивме фирмата каде се не сум одела. Ги поминавме сите држави, комуницирам со клиенти, патувам соработувам. Се е динамично, интересно и иако сум жена досега не сум имала никакво лошо искуство. Никој не ме навредил, не ми рекол дека возењето сканија не е за жена, да одам да си ги гледам дома децата и да ја оставам работата на мажите. Напротив, тие ме охрабруваат“, раскажува Танчиќ.

    Таа и нејзиниот сопруг се согласни и дека жените се подобри возачи на тешки товарни возила од мажите, бидејќи се многу повнимателни. Додека мажите се сметаат за супериорни и на возењето гледаат како на рутина, па понекогаш и се преценуваат, жените секогаш знаат до каде им е силата, секогаш кога се уморни застануваат и внимаваат како се движат во сообраќајот.

    „Жените дури и помалку го држат телефонот во рака додека возат, отколку мажите. Навистина се повнимателни и подобри возачи. Но, тоа важи само за камионите, не и за автомобилите“, категоричен е сопругот, кој вели дека е безгрижен кога го вози сопругата, бидејќи има поминато добра школа, мислејќи на него.

    Во нашата земја Снежана нема сретнато жена што вози камион, а и низ европските патишта не видела да вози Македонка.

    „Знам дека во Крива Паланка има жени што имаат полагано кога полагав и јас. Но, дали возат и каде возат, не можам да кажам. Досега немам сретнато ниту една колешка од мојата држава“, вели Танчиќ.

    За неа да се биде возач на камион и постојано да се биде на патиштата има добри и лоши страни како и секоја професија.

    „Добрата страна е што го шеташ светот, се случуват различни авантури, среќаваш нови луѓе, соработници. Но, многу ми недостасуват децата, особено во првите денови кога ќе тргнам на пат. Потоа, ќе си кажам дека ова го правиме за да им обезбедиме подобра иднина и тоа ми дава сила да продолжам да работам“, вели Снежана.

    Како жена возач таа признава дека жените во оваа професија се привилегирани на некој начин и дека полесно им се отвораат вратите и на патиштата и кај соработниците.

    „Се случува да не пропуштат во редицата камиони, побргу да поминеме на истовар-утовар, и така да кажам да паднат на женските „цаки“. Ќе ви кажам еден пример. Со сопругот стигнавме 5 минути пред затворање на магацинот каде требаше да ја истовариме стоката. А тоа значи дека ќе требаше да чекаме со часови. Тогаш маж ми рече „Снежана, излегувај и заврши ја работата!“. Вработениот беше Германец и го замолив да ме истовари, му кажав дека дома ме чекаат три дечиња. И успеав, ми излезе во пресрет и ја завршив работата. За целото тоа време, сопругот се криеше во камионот“, се смее Снежана.

    Но како се развивал бизнисот, така се зголемувал возниот парк, а со тоа и обврските. Сега имаат 6 камиони, па решиле да ги поделат работите со сопругот. Тој е задолжен за менаџирање на возачите, а Снежана за раководење на фирмата, администрацијата, организацијата на работа. Таа денеска поретко вози, но кога ќе се јави потреба не се колеба повторно да седне зад воланот.

    „Живи луѓе сме, се случува некогаш некој возач да не може да се вклучи во одредена тура и тогаш одиме ние, јас, сопругот, возиме, така се надополнуваме“, вели Снежана.

     

    Тие постојано го прошируват бизнисот и пред 15-тина дена отвориле нова фирма во Словенија, a се преселиле во Куманово. Сега почесто патуваат на оваа релација и се надеваат на нови деловни успеси.

    Кривопаланчанка една од малкуте жени во државата што вози шлепер