Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад денеска волонтери од невладината “ХЕРА“ собираа потписи за петицијата за воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата.
Кампањата е насловена “За последен први септември без сеопфатно сексуално образование“. Од “ХЕРА“ објаснуваат дека младите рано стануваат сексуално активни и затоа наместо од интернет портали треба да се информираат од своите наставници.
Нашето истражување насловено како “Љубов после часови“ покажа дека професорите, родителите и децата го дадоа својот глас за да се воведе ваков тип на образование. Навистина младите немаат место каде би ги адресирале сите нивни прашања за сексуалното и репродуктивно здравје. Најголем дел од времето го поминуваат во училиштата и затоа сметаме дека училиштето како образовна институција е најдобро место за да се добијат овие информации - рече Велимир Савевски, член на “ХЕРА“.
Граѓаните ја поддржаа петицијата со објаснување дека кога тие биле ученици за сексуалноста се информирале од повозрасните пријатели.
Мислам дека е потребно и младите треба да знаат како да постапат, како да се заштитат. Ние прашувавме постари другари на оваа тема. Нека се воведе во основно училиште сексуално образование - вели Игор Липковски, граѓанин.
Потпишувањето на петицијата во Куманово завршува денеска. Претходно граѓаните од Штип, Охрид и Битола се потпишуваа за воведување на сеопфатно сексуално образование, а по Куманово петицијата ќе треба да ја поддржат тетовчани и струмичани.
Петицијата на крај ќе биде доставена до Министерството за образование и наука.