Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово е излепено со плакати на кои се повикуваат граѓаните, измамени од двајца посредници за Авганистан, на кои им платиле над 600 долари, да ги пријават, за да се обезбедат докази за судско гонење.
Деновие Куманово е излепено со плакати на кои се повикуваат граѓаните што дале пари да заминат на работа во Авганистан, да се јават за да се докаже измамата на авганистанските посредници. На листовите, кои се залепени на бандери, излози и други објекти во сите делови на градот се повикуваат сите измамени да пишат на а[email protected], заради подигање тужба за измама.
Човекот кој ги излепил плакатите, ни рече дека сака да ги најде и другите измамени за да има докази случајот да го пријави во полиција.
„Јас сум жртва на двајца луѓе што лани ова време ми ветија дека ќе ми помогнат да заминам на работа во американска база во Авганистан. За да ми завршат работата, побараа 600 долари и 700 денари, а од првата плата да им дадам уште 2300 долари, бидејќи толку им е тарифата. Откако им ги предадов парите ми рекоа: „Понатаму ние ќе ја тераме работата. Сигурно е завршена, затоа што имаме наши луѓе и разработен план, и за 2-3 месеци ќе заминеш во една од базите„. Поминуваше времето, а тие не се јавуваа. Од почеток велеа дека има некој проблем и дека наскоро ќе се реши, а потоа почнаа да се кријат од мене, но ветуваа дека ќе ми ги вратат парите. Речиси една година ништо„- вели нашиот соговорник кој сака да остане анонимен.
Уште еден кумановец лесно наседнал на лагите на двајцата посредници, па позајмил пари за да си обезбеди сигурно заминување на печалба, па сега незнае како да ги врати.
„Слушнав дека Бобан праќа луѓе во Авганистан и заминав кај него. Тој ми вети дека сигурно ќе ме прати и за ништо да не се грижам, бидејќи таму е брат му и тој ги распоредува работниците. Ми побара да му донесам 600 долари кои биле за регрутерите, и 700 денари за жената што ќе ми изработи сиви, а 500 денара дадов за лекарско уверение во една поликлиника, без преглед и без ништо. Тоа се случуваше во мај минатат година. Од тогаш ни пари ни работа. Му вртев сто пати, а тој: Денеска ќе ти ги вратам, утре ќе ти ги вратам„, дури му се заканив дека ќе го пријавам во полиција, но ништо не помага- ни кажа уште еден несуден Авганистанец.
Двајцата велат дека за дадените парите не добиле никаков документ, поради што е тешко да го докажат случајот пред надлежните институции. Ако се соберат 10 измамени ќе имаат докази. На огласот се јавиле неколку лица со истата приказна. Некој постојано ги кине плакатите, но измаените се упорни и пак ги лепат.