Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над двесте револтирани граѓани од сите генерации се собраа на Градскиот плоштад во Куманово за да го изразат незадоволството од поскапувањата на струјата и горивата.
Извикувајќи “социјална правда“ и “лебот ни го зедовте“ побараа Регулаторната комисија да ги штити интересите на граѓаните и да не дозволи поединци да се богатат, а народот да осиромашува. Членовите на граѓанската иницијатива “Аман“ ги повикуваат граѓаните без разлика дали се симпатизери на ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или некоја друга партија да се приклучат на протестите.
Кога неправдата станува закон, отпорот станува наша должност. Наши барања се да се укине ставката ангажирана моќност од 33 отсто, второ да се врати ефтина дневна тарифа, трето да се врати цената на струјата на ниво од 2008 година, четврто да се запре со приватизација на целиот енергетски сектор. Да се инвестира во оддржливи извори на енергија, соларна и геотермална енергија, енергија на ветер и друго. Да се повлече правилникот на Топлификација. Да се врати цената на парното од 2008 година и осмо, да се намалат цените на горивата во согласност со стандардот на живеење - изјави Ангела Богоеска, член на “Аман“.
На протестот се појавија и стечајните работници. Тие велат дека државата треба да обрне внимание на социјалната политика, а не да наметнува поскапувања.
Ние како стечајни работници додека трае оваа кампања ќе бидеме тука, а за другите не знам. За нашата категорија секое покачување е кошмар бидејќи сме најзагрозени - рече Лилјана Ѓорѓиевска, претседател на УНИТ.
Граѓаните велат дека од идниот месец нема да можат да ги подмират сметките.
Многу тешко. Јас сум технолошки вишок, а прехранувам осум члена. Пред малку бев во банка, а парите за технолошки не се пуштени. Дома сите сме загрижени - вели Зоран Велковски.
Толпата од Градскиот плоштад се упати до седиштето на ЕВН во Куманово. Граѓани од повеќе националности со транспаренти продефилираа низ центарот на градот.