Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со директорот на Управата за заштита на културно наследство во акцијата „Фаланга 2„ уапсени се и тројца негови соработници, меѓу кои и еден кумановец.
МВР поднесе посебен извештај против П.К. (65) од Охрид, за злоупотреба на службената должност,И.Б.(59) од Скопје за потикнување , а З.Н.(56) од Куманово и М.П.(49), од Скопје за „помагање“ во злоупотребата.
Пријавените ги пречекориле своите овластувања и постапиле надвор од своите законски надлежности и издавале документација, преку која барале дополнително и полициска асистенција. Со издавање на платни налози и преку други патни трошоци го оштетиле Буџетот на РМ за 1.2 милиони денари, а по основ на издадени платни налози и други патни трошоци висината на штетата дополнително ќе биде утврдена.
По Судска наредба извршен е увид на одземена документација од Управата за заштита на културното наследство, при што е утврдено дека директорот во текот на 2011 година, поттикнат од раководителот И.Б., противправно потпишал и издал согласнос за изведување на земјени работи за проверка на наводи за постоење на културно – историско наследство на патниот правец Велешко Езеро – Катланово и Делчево м.в. „Драмски Рид“. Со тоа ја загрозиле безбедноста на културното наследство. Според Законот за заштита на културното наследство, Управата нема законска надлежност ниту овластувања за издавање на согласност, туку само Дозвола за археолошки истражувања, по претходно обезбедена соодветна документација.
Исто така, во издадените согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата - координати, надморска височина, пристапи и слични податоци за општата идентификација на наоѓалиштето, катастарска општина, катастарска парцела, катастарска површина, класа и намена на земјиштето, со што би можеле да ја користат и на други локалитети.
По издадените согласности, З.Н. инспектор за археолошки наоѓалишта бил определен и вршел археолошки надзор на двете споменати локации, а како лице за оперативно координирање бил назначен второпријавениот, за што не постои никаква документација. Од извршените проверки и увид во документацијата на Управата не е констатиран ниту еден Записник за извршен инспекциски надзор на наведените локалитети или пак било каква фото или техничка документација која морала да се изготвува при вршење на инспекцискиот односно археолошкиот надзор.
Во полициската акција „Фаланга 2" во мај беше разбиена криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство.
Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија, како и полициски службеник од Велес.