Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со свечената седница на Советот на Општина Куманово, која се одржа во салата на Центарот за култура, денеска заврши прослава на 11 Ноември - Денот на ослободување на Куманово. На свеченоста беа доделени ноемвриските награди, а имаше и кратка културно-уметничка програма.
Градоначалникот Максим Димитриевски зборуваше за успешно спроведените проекти кои се реализирани за потребите на граѓаните.
„Со таквиот одговорен однос го развиваме нашиот град и унапредуваме животните услови секојдневно.Бележиме видливи резултати добиени со реализираните проекти во повеќе области-инфраструктура,образование,гасификација,заштита на животна средина,социјална и детска заштита,,култура,спорт,а економијата е наш најголем предизвик. Но,секогаш можеме и многу подобро и многу повеќе. Да продолжиме да соработуваме и да останеме напредни во размислувањата и делувањето на патот кон квалитетен развој, преку тимска работа, одговорни во грижата за сопствените граѓани“, истакна Димитриевски.
На седницата се обрати и претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, како и советниците Самет Салиевски, Дритон Сулејмани и Саша Николиќ. На седницата присуствуваа претставници на збратимени градови и градови-пријатели, амбасадори, пратеници, членови на Советот и општинската администрација, локални установи и институции, верски водачи и луѓе од бизнис секторот и невладини организации.
На седницата беа врачени и ноемвриските награди на д-р Стефан Трајановски, лекар специјалист по ортопедска хирургија, проф д-р Халим Хида, просветен работник и дипломат во пензија, Драган Колебен ликовен уметник, Драган Петровиќ, фудбалер и капитен на футсал репрезентација на Македонија. Дипломи добија правните лица: Месна индустрија „Гроздановски“ и КУД "Српски вез" Куманово.
Во име на добитниците на Ноемвриска награда се заблагодари д-р Трајановски, кој нагалси дека е особена чест за сите нив поединечно општинското признание.
Свеченоста ја збогатија хорот „Света Злата Мегленска“ од Скопје на чело со диригентката Летка Димовска Полизова, а танцова точка насловена како „Партизанска елегија“ изведоа членовите на балетското студио Скил Фектори.
На Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ предпладнево беше положено цвеќе.
Синоќа на Градскиот плоштад се одржа концерт со музички звезди за младите.