Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово денеска прославува 79 години од ослободувањето и остварувањето на вековната идеја за самостоен и демократски развој. На 11 ноември 1944 година партизаните од НОБ го победиле фашистичкиот окупатор, а граѓаните ја дочекале слободата на својот град.
Акциите започнале на први ноември, со учество на две бригади од составот на Кумановската дивизија и батаљон на народната одбрана. Десет дена тешки и жестоки борби се воделе околу градот, особено на приодите, по што на 11 ноември конечно била извојувана победа. Народот го прославил ослободувањето наредниот дена со голем митинг на градскиот плоштад.
Во четиригодишната крвава борба против моќниот фашистички непријател, учествувале над 2000 борци од кумановскиот регион, од кои 455 загинале по разни боишта низ целата земја. Куманово, градот првоборец даде и осум народни херои: Киро Фетак, Перо Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани, Боро Петрушевски Папучар, Христијан Тодоровски Карпош, Мара Нацева и Трајко Стојковски -Бузо.
По ослободувањето, Куманово забрзано ја испишува историјата на својот растеш. Градот се развива во модерен и значен стопански, културен и спортски центар на Балканот. Интензивно се гради и модернизира патната и железничката инфраструктура, и градот станува центар на металната, кожарската, текстилната и дрвната индустрија.
И од осамостојувањето на Македонија, Куманово го оди својот пат за создавање на современ град. По несреќниот процес на транзиција и конфликтот од 2001 година, градот повторно застанува на нозе. Се градат нови објекти, сообраќајници и спортски терени кои му даваат сосема нов лик, а се создаваат и подобри услови за современиот начин на живеење.
Куманово е најголема општина во земјава со близу 100 илјади жители од македонска, албанска, српска, ромска, турска и други националности, кои меѓу другото ги спојува и големата љубовта кон својот град.
Позитивниот дух на кумановци и мајтапот на Батко Ѓорѓија е единствен и препознатлив насекаде.
Празникот се одбележува со низа манифестации, со посета на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ, а ќе се одржи и Свечена академија каде ќе бидат доделени Ноемвриските награди.
Изминатите десет дена Општина Куманово организираше богата култура програма. Со културни и спортски настани го одбележа Денот на општината - 11 Ноември.