×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово нема пари за организирање на културно лето, се реализираат само поединечни настани

    07.07.2023 11:50 | Оливера Пешевска

    Општина Куманово нема доволно финансиски средства за организирање на културно лето со однапред утврдена програма на настани, која ќе понуди културно - уметнички и забавни содржини во летниот период за сите возрасти и афинитети на кумановската публика.

    Куманово нема пари за организирање на културно лето, се реализираат само поединечни настани

    Наместо координирано планирање на содржајна културна програма во која ќе бидат вклучени сите субјекти од областа на културата во општината, институциите самостојно организираат поединечни настани во рамките на одредени проекти или нивни сопствени програми. Па, така, се случува во една вечер истовремено да се совпаднат повеќе културни содржини на кои граѓаните не можат да присуствуваат и покрај нивниот интерес, а потоа со денови да не се случува ништо.

    Од Општина Куманово потврдуваат дека недостигот на финасиски средства се главната причина за неорганизирање на културно лето со настани од најразновиден вид, привлечни за пошироката јавност, но и за одбраните љубители на музичката, ликовната или театарската уметност. Од Секторот за култура имаат идеи што би сакале да ги реализираат, но велат дека се зависи од она што ќе можат финасиски да си го дозволат.

    За програмата за култура од општинскиот буџет се издвојуваат 14 милиони денари или 230 илјади евра. Од тоа 9,1 милиони денари се за културни настани на здруженија, друштва и организации, 3,1 милиони денари за Фондацијата за култура и спорт и 2 милиони за други активности, како што е закуп на бина, ноемвриски награди и др.

    Капацитети и буџет за нешто поголемо, посериозно и конципирано со строг тајминг и однапред објавена програма немаат ниту во Центарот за култура во Куманово. Велат дека ги имаат сите потребни оперативно-технички и кадровски услови успешно да спроведат културно лето, но не наидуваат на разбирање и одобрување од останатите инстанци кои би требало парично да ја помогнат реализацијата на еден ваков проект.

    „Три години инсистирам, имам и разработена идеја како тоа би можело да изгледа и што би можело да се стори, имам доставувано и предлози до Општина Куманово, но едноставно од локалната власт добивам одговор дека нема доволно пари за вакви манифестации, “објаснува Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура во Куманово.

    Во минатите неколку години тие со свои средства и ресурси, на платото пред влезот на установата, организираат концерти, настапи на играорни групи, изложби, театарски претстави и слично.

    „Се трудиме да ја анимиримаме и забавиме јавноста со групите и младинските активи на нашата институција. Така, имавме концерт на нашиот Младински оркестар со изведба на популарни мелодии, добро познати и омилени на публиката, пруживме можност за настап на млади и неекспонирани музичари да претстават што тоа работат и творат. Наидуваме на одобрување на сограѓаните и собираме публика која е задоволна од нашите настани“, вели Тодоровски.

    Фондацијата за култура и спорт, пак, на почетокот на секој календарски месец објавува месечни програми за активностите кои ги спроведува, но тоа се главно настани вклучени во Програмата за културни манифестации на Општина Куманово. Подолгорочни планови, било да се работи за самостојни проекти или како медијатори за организација на настани на некоја општинска организација или здужение не може да стане ниту збор.

    „По неколку месеци однапред едноставно не е можно да се прави програма, затоа што луѓето кои по програмата на Советот би требало да реализираат некој свој предложен проект не можеме да ги договориме. Се што е предвидено и изгласано се одржува, но најчесто надвор од предвидената временска рамка. Дел од ова е од објективни причини, но дел е и од нашиот менталитет склон кон одолговлекување“, истакна Марио Арангеловски, директор на фондацијата.  

    И покрај тоа што во Куманово не се организира културно лето како во повеќе други градови, од локалната самоуправа се задоволни од одѕивот на она што досега е реализирано и сметаат дека со добра промоција би привлекле и бројни посетители во градот.

    „Традиционалниот пикник во Пелинце, и покрај невообичаените ниски температури, собра бројни посетители.Тоа е настан со кој можеме да се пофалиме и сериозно размислуваме во иднина да има можност за прифаќање на побројна публика на локацијата, да трае повеќе денови и да создадеме концепт кој би се популаризирал и би привлекувал публика и од поширокиот регион“, истакнува Александар Крстевски раководител од Секторот за култура.

    Кон крајот на август е планирана и една недела во која ќе се одржат повеќе концерти и настани наменети за публика со различен вкус и интерес. Така, во период од недела дена ќе се одржат Хип Хоп Тумсток фестивалот, Тумба фест, Меѓународниот тамбурашки фестивал, како и неколку други културни настани. Во ист ден ќе се одржат Мешународниот фолклорен фетсивал и Рома труба фест.

    Ова 2023 година со програма за културно лето излегоа Скопје и Охрид, кои тоа го прават во континуитет, но и Битола, Кисела Вода, Кавадарци, Крива Паланка и други помали општини.