×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Куманово од утре без градски превоз - доцни изборот на нови превозници

    31.12.2021 10:54 | Сузана Николиќ

    Од 1 јануари, кумановци ќе останат без градски превоз затоа што не е завршена постапката за избор на нови фирми за превоз на патници. Општина Куманово тендерот го распишала на 15 декември и вчера се отворени понудите, но новите превозници ќе започнат со работа по завршување на жалбениот период и потпишување на договорите. Тоа може да трае 15-дена, но и да се развлече со месеци.

    Куманово од утре без градски превоз - доцни изборот на нови превозници

    Празниот простор во превозот не можат да го покријат ни старите превозници, „Оли-травел“, „Штуз“ и „Јоцо-турс“, група на превозници кои досега го спроведуваа општинскиот линиски превоз на патници во Куманово, а се јавиле и на новиот тендер, затоа што до денеска им завршуваат старите договори за работа, а со тоа им истекува и важноста на дозволите за превоз на патници.

    Од Општината Куманово велат дека проблемот настанал поради локалните избори, бидејќи се чекало тие да завршат за да се објави тендерот.

    „Јавниот оглас за општински линиски превоз е со важење од 5 години и предходниот завршува на 31. декември годинава. Согласно позитивна законска регулатива Општина Куманово има распишано нов јавен оглас и тој е во тек. По завршување на истиот градоначалникот ќе ги потпише дозволите и превозниците со утврдените линии ќе продолжат да возат. Секогаш се запазуваше рокот, но оваа година поради изборите и не функционирање на Советот одлуката на општинскиот линиски превоз е донесена покасно а со тоа касни и огласот. Така дојдовме во временски дизбаланс и во најбрзо време ќе се реши, може да биде и за 10-15 дена веднаш по нова година, но ако има жалби тогаш не може да се каже колку време ќе трае“, велат од Општина Куманово.

    Но, автопревозниците тврдат дека причина за доцнење на превозот не се изборите, бидејќи огласот можел да биде објавен и пред тоа, туку одлуката на градоначалникот и Советот да се направат одредени измени во условите, меѓу кои и превозот повеќе да не го врши група на превозници, која беше воведена пред десетина години, туку сега секој од превозниците да конкурира сам. Мнозинството советници го усвоија предлогот на втората седница на Советот иако превозниците сметаат дека тој е штетен по квалитетот на услугата.

    „На тендерот се јавија 9 превозника. За одредени линии има по двајца - тројца заинтересирани. Сигурно ќе има жалби и ова нема да заврши толку брзо. Плус за одредени линии кои не се атрактивни никој не се пријави. Селата Шупли Камен, Косматац, Новосељане, Четирце, Мургаш,Граничен премин Табановце, новата линија Бајрам Шабани - Бедиње, никој не сака да ги вози. Порано како група превозници имавме обврска да ги покриваме целата единствена мрежа на линии предложена од Советот и сите граѓани да имаат подеднаков третман, независно дали се рентабилни лините или не. Ова е голем проблем за граѓаните на Куманово, а особено за жителите на приградските и селски населби, кои ќе немаат со што да отидат на работа. Дополнителен проблем ќе се појави со превозот на ученици кога ќе заврши распустот“, велат превозниците и додаваат дека за пропустите во оваа работа треба да се вклучат и инспекциските служби, бидејќи општината не смее да ги остави граѓаните без јавен превоз.

    Тие кажуваат дека граѓаните и газдите на фирмите веќе се јавуваат и ги прашуваат како се организира превозот, бараат  да склучат договори за нивните работници, но тие немаат законска основа за такво нешто, додека не добијат дозвола за превоз од општината.

    За прекинот во јавниот превоз Општина Куманово вчера ги извести граѓаните преку кратко соопштение на општинскиот сајт.

    „Ве известуваме дека од 01.01.2022 година поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз се до завршување на постапката објавена со оглас за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општината, бр.08-9194/2 од 14.12.2021 година, објавен од страна на градоначалникот на Општина Куманово“, стои во соопштението.
     

    Од Општината додаваат дека немаат законска можност да ги продолжат дозволите за работа на старите превозници, за временскиот рок додека трае постапката и со тоа да го покријат меѓупросторот за да граѓаните не останат без превоз. 
     
    За прекинот во градскиот превоз реагира и коалициониот партнер на Димитриевски ВМРО-ДПМНЕ, кои најавија дека ќе бараат одговорност.
     
    Во Општина Куманово јавен градски превоз користа над 15.000 граѓани, од тоа 5.000 ученици во основните и средни училишта. 

     

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk