Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на Куманово, повторно се соочуваат со недостаток на вода поради нерасчистени сметки на водоснабдителните претпријатија „Водовод„ и „Кумановско- Липковско поле„.
Раководствата на двете претпријатија, едните од СДСМ другите од ВМРО-ДПМНЕ, со години не можат да се договорат околу цената на сировата вода, а наплатата на заостанатите долгови ја вршат исклучиво преку затворање на вентилите. Граѓаните кои со денови немаат вода за пиење, се сметаат за заложници на нивните политички хирови, и бараат под итно да најде решение на проблемот.
Јас не сакам да давам оценки дали има политика во целиот случај, меѓутоа факт е дека имаме сериозен проблем, кој мора да го решиме. Се надевам дека наскоро ќе потпишеме и договор за цената на водата со компромиси од двете страни, а во интерес на граѓаните. Последниве 10 дена имаме намален дотур на вода од водостопанство и наместо 220 литри во секунда, добиваме само 150 литри. Обезбедуваме уште 50 литри од два бунари, но тоа не е доволни за нормално снабдување.Сите обврски кои ние ги имаме кон водостопанство во целост сме ги исполниле и за првите 9 месеци уплативем околу 13 милиони денари колку што договоривме на почетокот на годината- вели Виктор Божиновски, директор на ЈП „Водовод„.
Од водостопанство велат дека дотурот на вода до Филтер станицата во Куманово е намален затоа што е намалена количината на вода во двете езета Липково и Глажања. Поради тоа морале да го исклучат системот за наводнување, а не можеле да го стават во функција стариот индуструски вод заради големите дефекти, кои неможат да ги поправат затоа што немаат пари.
Правиме максимални напори до вечер ќе го санираме проблемот, поради тоа што „Водовод„ вчера попладне пуштил милион денари, а инаку ни должи 20 милиони денари. Како да им пуштиме вода кога пет дена ги молиме да ни платат затоа што немаме основни сретства да го поправиме цевководот. Ако ја пуштиме водата со тие дефекти, тогаш големи количини на вода ќе истечат и тогаш навистина градот ќе остане без вода. Ние како водостопанство немаме елементарни услови да ги одржуваме браните, бидејќи „Водовод„ не сака да ја плаќа водата, а без пари не можеме да го менаџираме претпријатието- вели Еморла Укшини, раководител на сектор во водостопанство.
Двете претпријатија не можат да се договорат околу цената на сировата вода, бидејќи „Кумановско-липковско поле„ бара водата да ја продава по 4,6 денари за метар кубен, а ЈП „Водовод„ не го прифаќа покачувањето и плаќа 2,2 денари. За да се реши проблемот помеѓу претпријатијата, минатат недела посредувале градоначалникот Зоран Дамјановски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, но решение сеуште не е најдено. Поради тоа за утре е закажан нов состанок помеѓу скараните страни во Министерството за транспорт и врски.