Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерката за труд и социјална политика и претседателка на Форум на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска, која денеска присуствуваше во Куманово на трка посветена на Месецот за борбата против ракот на дојката, најави дека до крајот на годината Кумановската болница ќе добие мамограф.
На новинарско прашањето на Кумановоњуз, дали како Форум на жени на СДСМ и како централна власт ќе извршат притисок Општата болница во Куманово побрзо да добие апарат, кој е неопходен за рано откривање на ракот на дојката, бидејќи јавното здравство во Куманово веќе 5 години нема мамограф, министeрката одговори дека веќе е потпишан договор за набавка на апаратите.
„Секако. Апаратурата во Здравствените домови и болниците е непходна за да имаме рано откривање на ракот на дојката. Преку проект на Светска банка во кое е вклучено Министерството за труд и социјална политика, главен носител е Министерство за здравство, веќе склучивме договори со меѓународни фирми за набавка на мамографи и на друга апаратура коишто одат за неколку болници во државата. Значи да не биде сѐ сконцентрирано во Скопје и во клиниките, туку да добијат и болниците во останатите општини. Верувам дека до крајот на годината мамографите и останати апарати ќе бидат ставени во функција во општите болници, вклучително и Куманово, изјави министерката Тренчевска.
Поддршка на трката за борба против ракот на дојката, која се одржа на Градскиот кеј во Куманово, дадоа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратениците Мартин Костовски и Лидија Тасевска, и директорката на УЈП Сања Лукаревска.
„Цел месец низ целата држава покажавме дека е многу битно да се прават редовни прегледи, онаму каде потребно даваме заедничка грижа. Идниот месец исто така ќе го одбележуваме за борба против семејно насилство, онаму сме каде што е потребно и навистина покажавме дека со заедничка борба, пред сè жена со жена може да има несомнени резултати и успеси“, рече Лукаревска.
Домаќинката на трката, претседателката на Форумот на жени на СДСМ Куманово, Јасмина Георгиевска, апелираше до жените редовно да вршат прегледи, бидејќи со рано откривање на опаката болест постојат реални шанси за нејзино лекување.
„Најбитно во лекувањето и третирањето на оваа болест е раното откривање. Упатуваме апел до сите жени редовно да вршат контроли и самопрегледи, па доколку постои некоја индикација да има можност за лекување на болест. Ние сметаме дека доколку и една жена сме поттикнале со ова, кампањата ни е успешна“, кажа Георгиевска.