Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На крајот на првото полугодие, во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, започна замена на подовите во училниците, поради што од вчера учениците се на онлајн настава.
Голем дел од родителите сметаат дека ваквата одлука е донесена со цел да се заштеди на греење во училиштето, но велат дека тоа создава проблеми за оние семејства кои имаат повеќе од еден ученик или некој од родителите работи од дома.
„Па не сакаат да затоплуваат во училиштето. Ќерка ми се жали дека им е студено во училниците и се радува на онлајн наставата. Така е послободна, а ние цел ден одиме на прсти да не пречиме. Не знам зошто не се чекаше уште некоја недела и не се изведе ова за време на зимскиот распуст“, прашува мајка на средношколка од прва година.
И друг родител смета дека се избрзало со реновирањето и дека тоа ќе им наштети на децата, поради тоа што е во време на испрашување и тестови.
„Јас онлајн наставата би ја забранил со закон. Децата несериозно ја сфаќаат обврската, а не можеш ни да ги натераш да се сконцентрираат и да следат како на час. Не знам како ќе се изведат оценките за полугодие. И да тргнат од понеделник ќе биде пренапорно за 10 дена да се изведат сите тестови, контролни и испрашувања“, вели еден родител.
Одговорните тврдат дека замената на подните површини ќе заврши за една недела, а била неопходна затоа што општината им одобрила средства кои треба да ги потрошат до крајот на годината.
„Ова мораше да се заврши во ова календарска година. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Куманово и на училиштето се доделени со ребалансот на буџетот. Ако се чекаше до зимскиот распуст за три недели ќе ги изгубевме, и затоа се нафативме сега да интервенираме. Проектот се работи со знаење и одобрување на општинските власти и Министерството за образование и наука. Сите потребни дозволи за преминување на онлајн настава се обезбедени, а добивме и одобрување од Училишниот одбор. Реакциите на родителите што доаѓаат до нас се позитивни, сето ова се работи за децата“, децидна е директорката на училиштето Марија Тодоровска.
Реконструкцијата на подовите ќе се изврши во сите 30 училници, кои се стари повеќе од 35 години. Ќе биде поставена антибактериска и антистатична полиуретанска самоливна маса, како што веќе постои во спортската сала на училиштето.
„Оваа подлога е отпорна на абење и лесна за одржување, за запазување на хигиенските насоки за почиста и средена работна средина“, изјави Тодоровска.
Советот на Општина Куманово ја одобрил пренамената на средства од буџетот на Општината за Гимназијата „Гоце Делчев“ Куманово. Во моментот се одвиваат две интервенции во училиштето, освен подовите се работи и на реконструкција на подрумскиот дел на училиштето. Таму е потребно да се санираат ѕидовите од влагата што ја има, да се издренира мувлата и се планира да се направат теретана, просторија за пилатес и аеробик и други простории за спортски активности на учениците. Планирано е да се користат првенствено од запишаните во гимназијата, за нивните вонучилишни спортски активности, но доколку остане слободен термин се размислува и за изнајмување на просториите на надворешни заинтересирани лица, клубови или здруженија. Активно се работи и на партерно уредување на дворот на гимназијата.
За замена на подовите и реконструкцијата на подрумот се обезбедени по три и пол милиони денари, вкупно 7 милиони за двете интервенции.
Од почетокот на годината училиштето доби нова фасада, кров, прозорци, а проектот чинеше околу 21 милион денари.