Кумановските атлетичари освоија 24 медали на национално првенство, Теа Алексовска со нов рекорд во фрлање диск
Атлетскиот клуб „Куманово“ освои вкупно 24 медали- 10 златни, 9 сребрени и 5 бронзени, со што е најуспешен тим на Националното првенство за сениори и сениорки, кое викендов се одржа во Скопје.

„Постигнавме значаен успех, повторно сме најдобри во Македонија. Редовни тренинзи, многу работа и посветеност на спортистите даваат резултати и на поединечно и на клупско ниво. Секако дека сме среќни, успеавме да го верифицираме квалитетот на членовите на клубот“, истакна Филип Колевски, претседател на клубот.
Теа Алексовска од Куманово постави нов државен рекорд во дисциплината фрлање диск за младинки. Таа постигна резултат од 37,71 метри и се закити со златна медаља, но покрај тоа успеа да освои злато и во фрлање на кладиво.
Покрај Алексовска, во женска конкуренција најуспешни беа: Ениса Тасевска со две злата во трките на 5.000 и 3.000 метри, Дијана Вукановиќ со две златни медали во трките на 400 м. со пречки и 100 м. со пречки, а таа успеа да освои и сребро во трискок. Сара Цветановска освои две сребра, во дисциплините фрлање на кладиво и фрлање на ѓуле. Лина Аневска освои прво место скок во далечина, сребро во трката 100м со пречки и бронза во трискок, а Матеја Ефремовска освои сребро во фрлање на диск.
Во штафетната трка во женска конкуренција - 4х 400 метри злато освоија Лина Аневска, Теа Алексовска, Дијана Вукановиќ и Матеја Ефремовска, а во истиот состав истрчаа за сребро, во трката 4х100 метри.
Кај мажите медали освоија: Милош Ранчиќ освои злато во трката на 5.000 метри, сребро на трката на 3.000 метри
Марјан Нојковски се пласираше прв во фрлање ѓуле и освои бронза во фрлање кладиво Даниел Јосевски освои второ место во дисиплината фрлање кладиво и бронза за фрлање ѓуле, Марио Пешевски се закити со сребро во трискок и бронза во скок во височина, Михаил Стошевски освои бронзена медаља во трискок.
На првенството учествувале повеќе од 130 натпреварувачи, во над 20 дисциплини. Првенството се одвивало во два дена на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
На Националното првенство само се потврди квалитетот на кумановските атлетичари, на претходно одржаниот КУП на Македонија клубот освои прво место во женска конкуренција и второ место во машка.
Атлетичарите од Куманово летово ги очекуваат уште многу домашни и меѓународни натпревари, а се надеваат дека дел од тимот ќе биде повикан да учествува на Европскиот младински олимписки фестивал, кој треба да се одржи во втората половина на јули во Скопје и Куманово.
„Имаме 4 репрезентативци во младинска категорија и 3 кај помладите младинци, но дали ќе учествуваат на натпреварите во Скопје треба да одлучи Атлетската федерација. Тоа зависи од тоа во колку и кои дисциплини ќе се одвива фестивалот, ние се надеваме и навиваме за тоа наши деца да се натпреваруваат на европско ниво“, констатира Колевски.