Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) денеска пред кумановските бизнисмени и претставниците на локалните институции ги претстави придобивките од поставувањето на соларни фотонапонски панели и производството на електрична енергија за сопствени потреби.
На презентацијата беа дадени конкретни информации за добивање на потребната документација и аплицирање за проектот, како и под кои услови може да се изврши приклучок на мрежата на ЕВН и МЕПСО, за производство и дистрибуција на електричната енергија.
Поради светската енергетска криза бизнис заедницата се најде во исклучително тешка состојба поради високите цени на енергенсите.
„Цената на струјата е зголеме на 500 насто. Ако порано плаќавме 5000 евра месечно струја сега таа изнесува 25000 евра месечно. Овие енормни трошоци не ставаат на работ на егзистенција во последните неколку месеци. Ние не знаеме уште колку ќе се зголеми цената на електричната енергија, а со тоа и трошоците за производство. Поради тоа нема да бидеме конкурентни како на домашниот така и на странскиот пазар. Затоа овој енергенс ни е многу битен за понатамошното егзистирање на нашите компании“, изјави Најден Бајдевски, бизнисмен и претседател ЛЕСС.
За да се стимулира сопственото производство на електрична енергија направени се одредени законски измени, па сега новите услови овозможуваат правните лица да произведуваат струја до 1 мегават наместо 20 киловати како што беше предходно, додека физичките лица до 4 киловати.
„Целта на овој состанок е да ги претставивме олеснувањата и придобивките за компаниите од поставувањето на фотоволтаичните панели. Присутните претставници на институциите кои вршат субвенционирање за обновливите видови на енергија објаснија како можат да се искористат средства за таа намена. Се виде дека доколку се земат субвенции во висина од 50 проценти на целата инвестиција, мала е разликата помеѓу ратата за кредит и намалената сметка за електрична енергија“, Бајдевски.
Од Општина Куманово кажаа дека расте бројот на компании кои бараат дозвола за поставуавње на панели на своите објекти и дека постапката се завршува во најкраток рок.
Пред присутните беа споделени и искуства од фирми кои што ги користат обновливите извори на енергија и нивните предности во работењето.