Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановските пензионери денеска повторно протестираа во просториите на Здружението на пензионерите Куманово, но овојпат покрај линеарно зголемување на пензиите, побараа претставниците во органите и телата на здружението да не добиваат надомест за нивната работа, а не како досега да им се иплаќа месечен хонорар.
„Волонтерска да биде работата во Здружението на пензионери, односно да не земаат паричен надоместок за својот ангажман. Ние сите сме собрание на пензионери, нема потреба некој да не води, нема што политички да се ангажира, да иде по партиски штабови и по митинзи. Исто така да се изземат од барањата измислената категорија на социјална пензија на луѓе кои немаат еден ден работен стаж. И се знаат кои луѓе и како се имаат стекнато за право на таква пензија“, изјави Љубица Алексовска Костиќ.
Пензионерите кои протестираат во петокот формираа координативен одбор, бидејќи како што обвинија актуелното раководство не ги застапува нивните интереси.
„Предлозите мора да се издржани, усогласени, ние сме граѓнска држава. Се работи за граѓанско здружение, но ниту тоа ниту Сојузот на здруженија не функционираат како и за тоа што се формирани. Првата ставка во статутот е заштита на економичност и социјалност на нашите членови и самото раководство на здружението требаше да застане зад барањата и да направи план и програма како сето тоа да се изведе. Раководството се труди да ги потисне и сруши нашиот протест, а не да не поддржат во она за што настапуваме. Пензиите се под човечкото достоинството, има луѓе со помалку од 10 илјади пензии, луѓето не можат вода да си платат“, истакна пензионерот Мирослав Трлин.
Претседателот на здружението Ристо Бошков, вели дека не се точни обвинувањата дека им вршат опструкција , туку дека се борат за правата на пензионерите според она што е нивна законска можност.
„Фитилот го запали одлуката на Уставниот суд со покачување на платите на функционерите од 78% и револтот кај оние со ниски примања е разбирлив“, вели Бошков.
Тој додава дека се бори пензионерите над 75 години да не плаќаат лекарски преглед и болнички престој, затоа што луѓето на таа возраст постојано имаат потреба од медицински преглед и нега.
„Тие што веќе платиле во болница лекарска комисија на здружението ги разгледува нивните барања и ќе се рефундираат средства во висина од 20% до максимална вредност од 6000 илјади денари, од средствата на здружението. Здружението се труди да работи солидарно и рекреативно во интерес на пензионерите. На оваа помош не можат да сметаат инвалидските пензионери и пензионери кои се во друго здружение-ветерани на војни и полициски сили“, вели Бошков.
Следниот протест на пензионерите е закажан за утре со почеток во 10 часот.