×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Поддршка на иницијативата против уништувањето на географијата како предмет дадоа и кумановските професори по географија

    28.04.2023 09:35 | Оливера Пешевска

    Професорите по географија од кумановските основни и средни училишта застанаа зад петицијата „Kажи ‘не’ на уништувањето на географијата како предмет!“, бидејќи сметаат дека нивниот предмет не заслужува таков третман, а измените се направени без консултации со стручната фела.

    Поддршка на иницијативата против уништувањето на географијата како предмет дадоа и кумановските професори по географија

     Онлајн петицијата ја покрена Здружението на географичари, кое достави барање до Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и претседателот на државата да се повлече новиот концепт кој предвидува интегрирање на географијата во природни науки во шесто одделение, како и во предметот историја и општество, бидејќи сметаат дека ќе се направат големи пропусти во понатамошниот образовен процес.        

    Од анализите на наставните планови и програми во Хрватска, Словенија,Германија,Финска и другите земји,  тие утврдиле дека  географијата се изучува како посебен предмет во повеќе одделенија.

     „Не е точно дека според „финскиот модел“ географијата е интегрирана во мултидисциплинарен модел. Таму си постои географијата како посебен предмет.  Во најголем дел од европските и светските земји географијата е заштитена како посебен национален предмет во воспитно-образовниот процес и покрај постоење на природни науки“, изјави Сузана Николиќ, професорка по географија во ОУ „Толи Зордумис“ и член на Извршниот одбор на Здружението на професори по географија на Македонија(ЗПГМ).

    Таа вели дека меѓу учениците постои голема заинтересираност во изучувањето на овој предмет што го покажува фактот дека на натпреварите по географија на општинско ниво во учебна 2022/2023 година имало над 1.200 учесници, на регионално над 700 учесници и на државно ниво над 150 учесници во генерации VI, VII, VIII и IX одд. организирани од страна на ЗПГМ – Скопје.

    „Го ограничивме бројот на учесници на по 3 деца од VI,VII,VIII и IX одделение од секое посебно училиште. Верувам дека бројката ќе беше значајно поголема да немаше такво ограничување, но немаме капацитети да организираме таков масовен натпревар“, појаснува Николиќ.

    Огромен е и интересот за изучување на географијата и во средните училишта, што покажуваат и учествата на натпреварите за средно образование, земање на предмет географија за државна матура и земање на географијата како проектна активност во III и IV година.

     „Невозможно е интегрирањето на географијата со историјата и граѓанското образование, бидејќи и при усвојување на знаења од општествената и економската географија, секогаш се поврзуваат и се усвојуваат знаења од физичката географија. На тој начин учениците ги осознаваат причинско - последичните врски и специфичностите на соодветниот географски простор“,сметаат од ЗПМГ-Скопје.

    Географичарите како наставен кадар не се дефицитарни, што е уште еден показател за тоа колку луѓе го земаат овој предмет како животно определување и занимање. 

    Според податоци од  Државниот завод за статистика 2021/2022 од 11.146 паралелки во основно образование има 1.238 паралелки во VI одделение. Бидејќи наставниците по географија имаа по  два часа (72 часа) ќе се изгубат 1.238 часа или 62 работни места. Доколку концепцијата продолжи по зацртаниот план во VII, VIII и IX одделение ќе се изгубат дополнителни 186 работни места, односно 248 наставници по географија кои имаат редовен работен однос ќе останат без работа.

    Географичарите бараат поддршка од сите свои колеги, наставници и професори по останати предмети и до целокупната јавност.

    „Сакам оваа иницијатива да ја подржат и наставници, колеги, студенти, граѓани на општината и државата и сите љубители кои имаат научен поглед кон светот и природата ја гледаат како единствена целина“, заклучува Николиќ.

    ЛИНК до петицијата.