Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Угостителите од Куманово не се задоволни од новите рестриктивни мерки коишто ги донесе Владата за намалување на работното време до 18 часот, кои стапуваат на сила од утре, а ќе траат до 20 јануари наредната година.
Здружението на угостители „Бисер“ во Куманово го повикува премиерот Зоран Заев на средба.
„Сметаме дека новите рестриктивни мерки не се популарни. Владата мора да најде начини за обештетување на угостителите или соодветна финансиска подршка и помош за надомест на штетите што ќе настанат како резултат од нивната примена. Владата има обврска да обезбеди финансиска помош и поддршка како што тоа го прават сите нормални здрави економии кои целосно ги затворија угостителските објекти, но ги надокнадија не само загубите туку и трошоците од неработењето во интерес на одржување на бизните во угостителската индустрија целосно во функција“, вели Влајко Стојчевски, претседател на Здружението на угостители на Куманово, „Бисер“.
Тој вели дека во целост ги поддржува ставовите дека сега е време здравјето да се стави пред задоволството и профитот, но бара од Владата да не ја избегнуваат обврската за обештетување.
„Угостителите оваа година профит нема ни да помирисаат, а не да остварат. Дали случајно Владата, наводно ги остава угостителите да работат со цел да ја избегне обврската за финансиска поддршка и помош која настана од воведувањето на рестриктивните мерки“, додава Стојчевски.
Од здружението, ја повикуваат Владата доколку не сака да седне и да разговара со нив, јавно да им одговори дали со донесувањето на новите мерки предвиделе да се надомести целосно или парцијално штетата којашто угостителите ќе ја претрпат.
Во Здружението на угостители на Куманово членуваат шеесетина угостителски објекти, а се проценува дека на ниво на градот ги има стотина.
(Ф.М.)