Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во кумановско се легализирани 1.067 трактори и 315 тракторски приколки во изминатите 12 месеци, информираат од МВР.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделство објаснуваат дека рокот за легализација на земјоделска механизација е завршен, но дел од постапките сеуште траат.
Има постапки кои сеуште траат и секојдневно ни стигаат од судот известувања кои ги ставаме на огласна табла кај нас. За нелегализирани трактори казните се од 500 до 1500 евра - вели Насер Даути, раководител на подрачна единица на Министерство за земјоделство.
Повеќето земјоделци веќе ги легализирале своите трактори и приколки бидејќи со нив разнесуваат роба до пазарите и возат низ град.
Имам 3 трактори, сите се на мое име и се легализирани. Мора да се легализираат бидејќи високи се казните. Има многу луѓе кои тракторите ги купиле пред 20 - 30 години, уште во времето на Југославија и не ги префрлиле на свое име, ниту ги регистрирале - рече Слободан Трајковски, земјоделец од с.Доброшане.
До средината на 2014 година сите трактори ќе треба да поминат на технички преглед и да бидат регистрирани. Се очекува со легализација и регистрација значително да се подобри безбедноста на механизацијата.
Во кумановско не се знае точната бројка колку трактори и приколки има, а на ниво на држава се проценуваше дека има над 30.000 парчиња земјоделска механизација со нерешен статус.
Фармерите имаа рок од една година да поднесат барање за легализација на земјоделските машини со кои располагаат.