Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На традиционалната, летна крводарителска акција која се одржа во Занаетчискиот дом собрани се 26 крвни единици. Акцијата беше организирана на Црвен крст Куманово и Институтот за трансфузиона медицина Скопје.
Денешнава акција е во редовниот календар на акции и традиционално се организира во овој период.
„Денеска собравме 26 крвни едници, и тоа крв донираа 23 мажи и 3 жени. Земените податоци говорат дека пет од нив за прв пат донираат и се запишуваат во редот на крводарители. Запишани се 16 вработени лица, 5 студенти и пет невработени кои се одѕваа на денешната акција. Секоја акција е успешна,затоа што секоја една крвна единица е од непроценлива вредност“, изјави д-р Мери Милчевска од Институтот за трансфузиона медицина.
Летниот период има помалку дарители, а поголема потреба од крв и се интензивираат ваквите настани, иако залихите на крвни единици во државата е задоволителна.
Поради одморите во летниот период е нормално да се намали бројот на крводарувања,и доколку надлежните увидат дека резервите се при крај се интензивира организацијата на крводарителски акции,за да се надополнат потребните количини.
„Обично негативните крвни групи се дефицитарни, А негатив, Б негатив, О негатив и АБ негатив, затоа што имаме и помалку дарители. Само 15% од популацијата се РХ негативни, па тоа се поспецифични групи и секогаш имаме повеќе потреба од дарители со таа група“објасни д-р Милчевска.
Неколку лица беа вратени од лекарските служби поради здравствени пречки, кои ги оневозможуваат дарувањето крв.
„Не смее да се дојде гладен, но треба да е лесен појадокот, да не е премногу тежок, мрсен и обилен. Исто така организмот не смее да е дехидриран, ниту пак лицето да има позначајни медицински состојби или болести. Во разговор со потенцијалните дарители оценуваме дали смеат или не се во можност да даруваат крв, во тој момент. Некогаш причината е замор, или прележана полесна настинка, па по неколкудневно закрепнување или одмор тие можат да отидат на било кое Одделение за трансфузиона медицина во Македонија и да си ја исполната намерата и да сторат хумано дело“, истакна Милчевска.