Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Хуманитарно летно кино ќе се одржи вечерва /18 јули/ во 20 часот , во дворот на основното училиште „Вук Караџиќ“ во Куманово.
Посетителите ќе можат да го погледаат филмот „50 први состаноци“, кој е избран на анкета на Фејсбук и Инстаграм профилите на Црвен крст, прикладен за сите возрасти, така што се очекува публика во што поголем број.
Настанот го организира Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Куманово, во соработка со Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) Куманово, а има хуманитарен карактер, да се соберат финансиски средства за лекување на малата Теодосија, во Турција.
„Дојдовме на идеја да организираме еден ваков настан, кој пред се би ги привлекол младите, и со симболична сума на билет од 50 денари би прибрале средства кои ќе бидат уплатени на сметката наменета за лекување на нашата сограѓанка Теодосија. На нашата иницијатива се приклучи и ЦИД Куманово, па со двојното рекламирање се надеваме на добар одѕив кај публиката“, изјави Мартина Ангеловска,младински координатор на Црвен Крст Куманово.
За комплетна атмосфера во дворот на Вук Карџиќ ќе има поставено штанд за пуканки.
„Имаме хумана цел-да помогнеме сите заеднички во оваа хуманитарна мисија за Теодосија. Поканете ги вашите пријатели, споделете ги нашите постови на вашите социјални мрежи со цел да достигнеме до што поголем број на луѓе да го посетат хуманитарното летно кино“, апелира Ангеловска.
Во последните неколку месеци организирани се бројни спортски и културни манифестации од страна на локалните власти, хуманитарни здруженија, организации, приватни фирми и истакнати поединци за помош за лекувањето на кумановката Теодосија.