Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановчани не само што мака мачат да ги платат сметките за комуналии кои во изминатиот период енормно се зголемени, туку и се принудени по втор пат да ги плаќаат сметките за комуналии кои претходно ги платиле, обвинуваат од Левица - огранок Куманово.
Од партијата велат дека добиле поплаки од граѓаните, бидејќи евиденцијата на ЈП „Чистота и Зеленило“ во Куманово по грешка ги прикажува старите, наводно ненаплатени сметки кои датираат од пред скоро цела деценија, па граѓаните стравуваат дека овие пропусти се намерни.
„Според добиените информации, ова ЈП во својата евиденција има неточни податоци дека одредени граѓани должат на претпријатието за ненаплатени сметки од пред скоро цела деценија, и истото може да ги отстрани грешките доколку граѓаните покажат писмен доказ дека истите ги платиле. Поради тоа граѓаните биле приморани да бараат стари потврди со цел да докажат дека сметките се платени многу одамна, но оние кои не ги чуваат старите и платени сметки, веројатно ќе мораат да платат одново. Оние кои нема да платат стравуват од високи камати, извршители, адвокатски трошоци“, соопштуваат од Левица.
Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски, вели дека пропустите се направени пред 2018 години, додека евиденцијата се водела рачно, но дека се работи за неколку случаи кои позитивно се решени.
„По моето стапување на функција воведовме нов систем на наплата со кој во моментов немаме никакви проблеми и функционира беспрекорно. Во минатото било пракса сметките да се плаќаат и лично на инкасатори, кога биле доставувани сметките на врата.Тука се остава простор за манипулација и подоцнежно книжење на самите уплати. Досега имало 2-3 такви случаи, ненамерни пропусти на системот-во разговор со граѓаните сите тие случаи се надминати. Апелирам дека доколку има такви недостатоци граѓаните ќе можат секојдневно да дојдат и директно до мене, лично да се обратат и тие проблеми секако ќе бидат надминати“, одговори Стојчевски.
Од Левица додаваат дека ове не е прв ваков случај и дека пред околу две години во Куманово се појавија грешки во пресметките на данок на имот и кај голем број граѓани, при што им биле пресметани двојно или тројно повисоки даноци. И тогаш, исто како сега, компјутерот бил виновен за настанатите грешки.
Партијата бара одговорност од надлежните и преземање на мерки за спречување на ваквите девијации податоците на граѓаните и апелираме до Општината да се фокусира на решавање на проблемите, а не на создавање нови.