Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Премиерот Димитар Ковачевски, на вчерашната трибина „Ние сме Европа“, во Куманово кажа дека со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, Владата кризата ја претворилa во можност да станат лидери во енергетската транзиција, а нашата земја во зелен енергетски хаб.
„Од почетокот на економската и енергетска криза, обезбедивме електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. Ги ставивме во функција сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Во споредба со претходната грејна сезона, оваа реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45% кога никој не веруваше во тоа“, потенцираше Ковачевски.
Тој кажа дека за таа намена е активиран ТЕЦ Неготино, кој претходно 15 години не работела, максимално се искористени капацитетите на РЕК Битола, Осломеј и хидропотенцијалите. Се работи и на употребата на обновливи извори на енергија, како што е поставувањето фотонапонски панели – за што Владата ги олеснила процедурите за нивно поставување, како за граѓаните, така и за компаниите.
Ковачевски се заблагодари за поддршката на ЕУ со 80 милиони евра за справување со енергетската криза, а кажа дека по 30 години е избран приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“,која има големо значење за праведна енергетска транзиција.
Во наредниот период се очекува да започне изградба на агроволтаичен парк од 400 мегавати во Источна Македонија, изградба на ветерни паркови со исто таква моќност како и изградба на нова когенеративна гасна централа со моќност од 200 мегавати. Овие проекти заедно со огромниот број на фотоволтаични централи кои секојдневно се градат, ќе ја овозможат енергетската транзиција на среден рок, но и да се исфрли јагленот во производството на струја, со што ќе се намали загадувањето во државата.
„Владата прави стратешки проекти наместо јаглен да имаме производство на електрична енергија од гас, сонце, ветер и од вода“, изјави премиерот.
Во својот говор тој потенцираше дека неодамна е донесен 9-тиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра. Во период од околу три и пол години, пакетите антикризни мерки се во вредност од околу 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството. Беа напоменати и зголемувањето на платите и пензиите, стандардот воопшто во услови на најголема криза.
Акцентот беше ставен на придобивките од членството на Македонија во ЕУ,што ќе значи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите и подобра работа и функционирање на здравството, образованието, судството, економијата, културата, по европски стандарди.
Тибината „Ние сме Европа“ се одржа во Центарот за култура во Куманово, а ја организира Секретаријатот за европски прашања на Владата. На трибината покрај премиерот Димитар Ковачевски, говореа и министрите Бојан Маричиќ, Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими, а на видео врска се вклучија амбасадорите Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер-амбасадорка на Сојузна Република Германија. На трибината присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на дипломатски кор, институции, граѓански организации и деловната заедница.