Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Димитриевски и СДСМ пред да ја добијат довербата од граѓаните на Куманово ветуваа решавање на круцијалниот проблем со водоснабдување на општината, со изградба на капитална инвестиција цевковод Куманово - Липково. Проектот е тотално заборавен од локалната власт, но никако не заборавија да набават нови службени возила за подобрување на удобството на партиските функционери згрижени во општината и ЈП. СДСМ и Димитриевски на Куманово му потрошија уште четири драгоцени години без никакво подобрување на условите за живот, па комотно може на следните локални избори да си излезат со потполно истите ветувања од изборите во 2017-та година, рече на днешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека нормалните европски општини од рангот на Куманово, проблемот со водоснабдување го решиле уште во минатиот век. Но, Димитриевски и СДСМ, иако пред четири години ветија водовод и канализација во руралните средини, денес, во 21 век најголемиот број на рурални населени места во општина Куманово се уште немаат водовод и канализација.
„За жал, дури и градот Куманово се почесто има проблеми со водоводната мрежа. Имено, илјадниците жители на улицата „Никола Тесла" и населбата Долно Којнаре веќе 6-ти ден се оставени без вода, поради честите дефекти во овој дел на градот, кои многу бавно и неквалитетно се санираат. И ова е производ на 30-годишното владеење на СДСМ со Куманово, чии неспособни кадри не ја реконструирале и сервисирале водоводната мрежа во тој дел на градот, изградена уште во далечната 1962 година. Но, затоа се ревносни во спроведување на огласи за привремени и трајни вработувања на нивни заслужни кадри“, додаде Петрушевски.
Според него, во последните четири години, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски нема реализирано ниту еден капитален проект ветен пред граѓаните, но потрошил над седум милијарди денари буџетски средства на граѓаните.
„Кумановци на Максим Димитриевски не му ја дадоа довербата само да вработува партиски послушници и да овозможува преку тендери богатење на поединци блиски до СДСМ, туку довербата му ја дадоа за проектите од изборната програма, кои за жал останаа само на хартија“, заврши Петрушевски.
(С.Н.)