Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Потполковник Лулзим Нуредини е новиот командант на касарната „Боро Менков“, односно на прв механзииран пешадиски баталјон во состав на прва механизирана пешадиска бригада.
Нуредени досега ја извршуваше должноста началник на секција во прва механизирана пехадиска бригада во Петровец, и доаѓа на местото на досегашниот командант потполковник Али Хајро на кого му заврши мандатот. Свеченост за примопредавање на должноста командант на касарната денеска се одржа во касарната „Боро Менков“.
Денес е таков ден во кариерата на двајцата офицери. Едниот ја предава командата над баталјонот и заминува на друга должност, а другиот ја превзема командата над баталјонот и ќе продолжи да го води - рече полковникот Зоран Милески на свеченоста.
Потполковник Али Хајро се заблагодари за почитта и соработката на колегите. Истакна дека на боевите стрелања имале добри резултати и овие 3.5 години поминале успешно.
Никогаш немојте да ги заборавите овие резултати. Ретки се луѓето што носат униформа, а имаат такви добри резултати. Мило ми е дека бев ваш командант и ме почитувавте до последен ден. Затоа сум ви благодарен - кажа Хајро.
Нуредини во својот говор рече дека новата должност за него претставува чест и поголема одговорност. Ова е нов предизвик во неговата кариера и се надева дека ќе биде успешен.
Сакам да му се заблагодарам на досегашниот командант потполковник Али Хајро за лидерството со кое досега ја водеше единицата и ги менаџираше сите процеси, за достигнатиот степен на обученост и борбена готовност на баталјонот, со желби за добро здравје, среќа и успех на него и неговото семејство. Ние што остануваме, продолжуваме понатаму, критериумите се поставени, целите се јасни - изјави Нуредини.
Нуредини е роден во 1977 година во Кичево. Средно образование завршил во родниот град, а потоа се образувал на Воена академија во Скопје. Учествувал на меѓународни вежби, обуки, курсеви.