Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“ му донесе спортска и туристичка промоција на Куманово
Над 150 учесници и спортски работници од земјава и странство учествуваа на Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој минатиот викенд се одржа во Куманово.

Оваа година натпреварите се одиграа на ринг на отворено на Градскиот плоштад, што предизвика посебно внимание кај посетителите и гостите. Турнирот традиционално по пети пат го организираше Боксерскиот клуб „Куманово“, со поддршка на Општина Куманово и други спонзори.
Најголеми „виновници“ што градот 4 дена пулсираше во ритамот на боксот се претсeдателот на клубот Влајко Стојчевски и спортскиот директор Самет Салиевски, кој воедно е и идеен творец на меморијалниот турнир, кој го носи името на големиот тренер. Петровиќ целиот свој живот го посветил на кумановскиот бокс, ги создал боксерските легенди Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, кои освоиле олимписки медали, но и многу други познати боксери во градот и поранешната држава, како Мате Парлов, Маријан Бенеш и др. Тој по потекло е од Крагуевац, Република Србија, но во Куманово се преселил откако се оженил. Извел многу генерации на спортисти, кои со пиетет зборуваат за неговата посветеност на боксот.
„Духот и делото на легендарниот Мирослав Петровиќ беше и на овој турнир со нас. Сметам дека ја оправдавме целта да не се заборави она што е дел од историјата на боксот на градот и луѓето кои се вградиле во неа. Куманово е единствен град во државата, кој се наоѓа на мапата на светските и олимписки достигнувања во боксот, и ние нема да дозволиме да се заборави. Кога одлучивме да организираме еден ваков турнир, сфативме дека треба да го носи името на најзаслужниот, кој 50-години му се посвети на боксот “, едногласни се Стојчевски и Салиевски.
Тие велат дека интензивните подготовки за турнирот траеле повеќе од 6 месеци, бидејќи прво морале да воспостават контакти со федерациите за да обезбедат учесниците, а потоа следувал организацискиот дел околу сместување, престој, натпревари, како и најтешкиот обезбедување на финансиски средства. За учество прво се пријавиле 19 боксерски клубови, но подоцна доаѓањето го потврдиле 11. На турнирот учествуваа 98 боксери од Србија, Словенија, Азербејџан, Палестина, Иран, Романија, Молдавија, Турска, Украина, Полска и домаќините од Македонија.
„Сите боксери кои учествуваа беа најдобрите од нивните држави. Од секоја делегација по четворица боксери за сите четири категории. Сите се одзваа затоа што доаѓањето на еден ваков силен турнир значи многу за нивна промоција. Изминатите години изградивме име, се наоѓаме на мапата на турнири на Европската боксерска федерација каде што се најсилните боксерски турнири. Со овогодинешната организација ја оправдавме довербата и како вистински домаќини дадовме се` да биде на највисоко ниво. Ги претставивме Куманово и Македонија во најдобро светло. Откако заврши турнирот секојдневно ни се јавуваат учесниците и тренери да ни честитаат за големиот успех “, вели Салиевски, кој додава дека мечевите можеле да се видат во целиот свет поради пренос во живо на ТВ Арена.
Меѓу другите, гости на турнитор биле и претсавници на бившата боксерка репрезентација на Југославија, познатите Вујковиќ, Качар, Русевски, Реџеповски, како и други олимписки и светски шампиони, што е потврда за големина на манифестацијата и организаторите.
„Ни дојдоа најголемите имиња во светот на боксот, легенди во овој спорт. Голем беше и одзивот и поддршката на граѓаните, но присиствуваше и министер, амбасадор, директори, пратеник, на плоштадот немаше место каде да се седне. Со тоа се исполни нашата цел, му дадовме еден подарок на градот. Целата организација ја направивме сами како Боксерски клуб, од чистење на плоштадот, поставување на рингот, столчињата, организација од безбедносен аспект со МВР. Но, не се жалиме, успеавме во намерата и тоа е нашата сатисфакција “, вели Стојчевски.
Тој како бизнисмен, покрај спортскиот бенифит во организација на турнирот ја гледа и економската исплатливост и туристичката промоција на градот. Вели дека додека траел турнирот градот бил преплавен со гости од центарот на градот до градскиот кеј. Сите сместувачки капацитети хотели биле полни, како и угостителските и трговските објекти.
„Со овој турнир не само што дадовме огромен придонес за развој на спортот, туку направивме туристичке промоција на градот и на земјата. Четири дена градот живееше од овие гости. Сите беа по кумановските кафулиња, ресторани, продавници, сувенирница... Гостите уживаа во гостопримството на нашиот град се запознаа со нашата култура и традиција, а голем дел ги однесовме и во посета на Скопје. Купуваа сувенири и подароци за своите. Ќе ја раскажат приказната во своите земји. Ова е показател дека ваквите манифестации помагаат не само за спортскиот туку и за економскиот развој на градот. И затоа локалната самоуправа и државата треба да вложуваат во нив без калкулации“, вели Стојчевски.
Двајцата соговорници се благодарни на сите граѓани и гости кои ги удостоија и дојдоа на турнирот, на оние кои финансиски им помогнаа, но не го кријат разочарување од односот на поединци во локалната самоуправа и надлежното министерство, кои не нашле време да ја испочитуваат манифестацијата и гостите.