Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Менаџерскиот тим на јавното претпријатије “Водовод“ ќе ги решава водоснабдителните проблеми за обезбедување на чиста и исправна вода за пиење, при што ќе се побара и Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина да се вклучат во надминување на кризата и да бидат гаранти.
Овие заклучоци денеска ги изгласаа советниците на 40-та седница на Советот на општина Куманово, на која се разгледуваше информација за водоснабдување на Куманово. Директорот на “Водовод“, Горан Стојковски потврди дека проблеми има во високите зони, бидејќи немаат доволни колични на вода за да ги задоволат потребите на граѓаните. Додаде дека вложуваат напори да излезат од долгови.
Сите долгови кон добавувачи, освен кон Водостопанство и ЕВН редовно се исплаќаат овие две години. За ЕВН ќе треба повеќе да елаборирам. Сите трошоци ни се намалени и сме до граница на „пукање“. Фактурирање ни е намалено, затоа што немаме што да фактурираме, има миграција во градот, ако порано беше Ирак, Авганистан, сега е Малта. Јас сум подготвен да сносам политичка, морална и кривична одговорност - рече Стојковски,
Директорот на Водостопанство Кумановско-Липковско поле, Филип Филиповски тврдеше дека во 2015 година испорачале поголеми количини на вода за разлика од претходните години и рече дека тоа е доказ дека немало исклучување на „бај пас“ водот. Тој даде сугестија дека треба да се размислува за алтернатива за водоснабдувањето.
Во мандатот на претходникот на Дамјановски се изградија алтернативни бунари. Не беше инвестирано ништо во три мандати на Дамјановски. За жал за три мандати немаме никаква инвестиција во вид на водоснабдителни инвестиции - кажа Филиповски.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски е категоричен дека со години се повторува еден ист проблем, а Куманово е принудено да плаќа најскапа сирова вода.
Советниците побараа што поскоро да се постигне траен договор меѓу двете претпријатија за подмирување на обврските едни кон други, за добро на граѓаните.