Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ синоќа свечено беше отворено 26-тото издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија 2023 во Куманово.
Фестивалот го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која потсети дека низ годините публиката имала можност да проследи 210 претстави на професионални театри од државата и од театарските куќи во регионот, со што фестивалот ја потврдува својата успешност.
„Смеата е терапија, а смеата и насмевката се најдобриот лек. Министерството за култура останува патнер и традиционален поддржувач на овој фестивал, кој со својата долговечност дава особен придонес на македонската култура и културното живеење. Сите претстави ќе бидат уште една потврда дека нема поискрен и почист израз од театарскиот, и дека се уште театарот е место каде може да се заборават сите проблеми од секојдневието“, истакна Костадиновска - Стојчевска.
На овогодинешниов лауреат на Деновите на комедијата, актерот и режисер Коле Ангеловски, му беше врачена наградата Васил Иљоски за трајни вредности во областа на културата и театарот, како еден од оснивачите на фестивалот, но и културен деец кој одиграл над 100 улоги, а изрежирал и повеќе од 100 претстави.
„Сега пред мене е перспектива за нови остварувања. Најмалку 30 мои претстави биле на 26-те години на овој фестивал и секогаш било вака. Огромна радост ми е и секогаш сум бил среќен кога ќе дојдам во Куманово, сум седел по скали и секогаш сум бил пресреќен од реакцијата на кумановската публиката. А јас се надевам дека сум ве направил среќен вас со моите комедии“, во свој препознатлив стил се обрати и ја насмеа публиката Ангеловски.
По официјалното отворање на фестивалот, публиката имаше можност да ја погледа претставата „Синиот Портокал“, од Театар Велес.
Вечерва на репертоар е „Ла кретен“ на Штипскиот театар, а во наредните 15-дена ќе следуваат „Приказна за театарот“ од Пирот, Србија, „Три и пол сестри“ од Винковци, Хрватска,„Илуминати“ на Театар Комедија од Скопје, „Чекајќи го лекарот“ од Лесковац, Србија, „Граѓанинот благородник“ на Тетовскиот театар, „Седумтте стола“ на гостите од Ловеч, Бугарија, „Кафез со кокони“ на Драмскиот театар. Традиционално, фестивалот се затвора со премиера на претстава на Театар Куманово, на 14 октомври, а тоа ова година е преставата „Љубовна терапија“.
Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедијата третта година по ред има и натпреварувачки карактер. Тој ќе биде затворен на 15 октомври со претставата „Обвинителка“, која е вон конкуренција, но тогаш ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, најдобра женска и машка улога, потоа најдобри сценографија, костимографија и најдобра режија.