Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на вакциналниот пункт во Спортската сала во Средното училиште „Перо Наков“, во кумановската населбата Бедиње се вакцинираше против коронавирусот со кинеската вакцина на „Синофарм”.
По вакцинирањето министерот се заблагодари на сите здравствени работници, на оние кои се грижат за болните во ковид центрите, како и на медицинскиот персонал кој ја спроведува вакцинацијата. Притоа истакна дека ја извршил својата лична и граѓанска должност, со тоа што ја примил првата доза од вакцината.
„Тоа е обврска на секој граѓанин имајќи во предвид со што се` соочуваме во пандемијата со ковид-19. Само имунизацијата на населението може да помогне да ја победиме оваа болест и затоа е многу важно сите граѓани од Куманово и државата да се вакцинираат. Без разлика на која вакцина се работи важно е да се спречи ширењето на вирусот, бидејќи сите вакцини се проверени и безбедни“, изјави Спасовски.
Министерот кажа дека во Куманово веќе се вакцинирало 10 проценти од населението, што ја покажува одговорноста на граѓаните.
Тој ги повика сите кои што се` уште не се пријавиле да го сторат тоа што поскоро на веб-страницата www.vakcinacija.mk.
(С.Н.)