30. 06. 2020 00:22

Мисајловски: Куманово ќе биде предводник на огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

Мисајловски: Куманово ќе биде предводник на огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

Носителот на листа на коалицијата „За обнова на Македонија“ во Втората изборна единица, Владо Мисајловски , вечерва најави голема победа на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе започне од Куманово. Тој ги повика граѓаните масовно да гласаат  на 15 јули, а притоа вети дека во новата извршна власт ќе се најдат многу кумановци.

.„Куманово заслужува повеќе. Во Куманово има чесни и добри луѓе и така мора да биде. Но, ве замолувам иако сме во пандемија, имаме уште две недели да тропнеме на секоја врата и да ги замолиме граѓаните да ни дадат поддршка, бидејќи после 15 јули може да биде доцна. И на минатите избори велевме дека Зоран Заев е нечесен и она што ви го кажува е измама, немојте по втор пат да ве измами. Вие во Куманово први треба да кажете дека е доста! Ова е најголем град во Македонија, кој заслужува намногу. Град кој треба да биде еден од најубавите урбани градови. Јас ве уверувам дека Христијан Мицковски и овој тим ќе донесе многу за Куманово. Ќе донесе обнова. Јас лично ви ветувам дека ќе се потрудам максимално да бидам тука, независно од функцијата“, рече Мисајловски во своето обраќање пред граѓаните.

Тој истакна дека во новата влада на Христијан Мицковски ќе има многу луѓе од Куманово и затоа треба да му дадат целосна доверба.

„Одлуката е ваша дали сакате Куманово да биде просперитетно и убаво место за живеење или сакате да остане во овие црнила. Знам дека сакате вашите деца да останат во Куманово и Македонија.  Додека другите крадеа ние размислувавме 1000 проекти, како да има индустриска зона во Куманово, како да продолжат експересните патишта, како да има поголеми пензии, како да има поголеми плати. Куманово ќе биде предводник на огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ, а вие ќе се гордеете во наредните 4 години кој ќе ја води оваа држава“, - рече Мисајловски.

Тој рече дека за разлика од нив, досегашната власт во изминатите три години се посветила само на едно прашање, како да го смени името, како да се создаде немир и омраза кон граѓаните и како да се збогатат поединци.

Лидерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните на Куманово да излезат масовно на избори и да го заокружат бројот 14.

„Ќе се борам за она кое што верувам, никогаш да не престанам да се борам во она кое што верувам, а верувам јас заедно со вас, верувам за идејата за нашата Македонија. Онаа богатата, Македонија која што ќе биде со исправена кичма, а не со свиткана кичма. Македонија со среќни граѓани. Македонија чии што деца ќе се вратат дома и ќе ги наполнат домовите на родителите, кои што со тага во лицето ги испраќаа од своите родни домови и огништа, кои што се среќни кога една неделно ќе им се јават или еднаш во две години ќе се вратат и ќе поминат некоја недела со нив. Вреди да се бориш за една таква различна Македонија, Македонија полна со вредности“, нагласи Мицкоски.

Пред присутните зборуваа и кандидатите за пратеници Рашела Мизрахи, Бране Петрушевски, Иван Стоиљковиќ, Кети Димковска и Тихомир Алесковски, кои сите побараа поддршка од граѓаните.

(С.Н.)

Мисајловски: Куманово ќе биде предводник на огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk