×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • МКК Куманово го совлада Чаир, инциденти ја засенија победата

    31.03.2025 12:53 | Оливера Пешевска

    Кошаркарите на МКК Куманово, на домашен терен ја совладаа екипата на Чаир од Скопје со 23 поени разлика, натпреварот заврши со резултат 97:74, но победата падна во сенка на неколкуте инциденти за време и по натпреварот.

    МКК Куманово го совлада Чаир, инциденти ја засенија победата

    Натпреварот заврши на празни трибини поради недолично скандирање на публиката, а потоа на автобусот на гостинската екипа беше напишана навредлива содржина.

     „На натпреварот дел од навивачите недолично скандираа и упатуваа навредливи пароли кон гостинската екипа, по што на третиот прекин со судиска одлука се испразнети трибините. Ова е немил настан кој остава дамки на клубот, иако немаме никаква врска со организација на навивачки групи. Жално е да се коментираат вакви настани по една успешна сезона, како дебитанти во прва лига ние сме во горниот дел на табелата“, истакна претседателот на клубот Ненад Стојановски.

    Од СВР Куманово известуваат само дека натпреварот бил прекинат, без подетални информации за подоцнежните случувања.

    „На 30.03.2025 година при вршење на физичко обезбедување од страна на полициски службеници од СВР Куманово на кошаркарски натпревар во спортска сала на средно училиште во Куманово било забележано дека на автобус на гостинските играчи била напишана парола со навредлива содржина. Увид извршила екипа од СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од Кумановската полиција.

    Мечот ја потврди фаворитската улога на кумановскиот тим и без поголеми проблеми го совладаа противникот. Тадиќ постигна 30 поени, со што е најдобар играч на натпреварот. Значајна улога имаше и Урош Луковиќ кој постигна 12 поени.   

    Куманово останува на 4. место со вкупно освоени 34 поени. Во последното коло од првенството МКК Куманово ќе му гостува на Вардар во Скопје, и со победа се надева на што подобра позиција во плеј-оф фазата.

     Од другите прволигашки спортски настани кои се одржаа викендов, екипата на ЖРК Куманово славеше по натпреварот во Штип, против тимот на Астибо со 27:38. Најмногу погодоци постигнаа Шехтанска и Мемов, тие дадоа по 8 гола. Ракометарките на Куманово се на 4 место во плеј-оф фазата од националното првенство. Во последното коло ЖРК Куманово ќе игра во Скопје против екипата на Вардар.

    Ракометарите на МРК Куманово со речиси двојна разлика ја совладаа екипата на Астрион од Струмица, резултатот на крај на натпреварот беше 35:18. Уште на почетокот поведоа со 5:1, а разликата во текот на натпреварот постојано се зголемуваше. Поради тоа тренерот Љубиша Димковски даде шанса на ракометарите кои имаат помала одиграна минутажа во првенството. Најдобар стрелец беше Иван Димитров со 11 гола, по што следуваат Ангел Арсовски и Тино Стојановски со по пет гола. Ова беше квалификационен натпревар за пласман на ракометарите во КУП на Македонија, со кој обезбедија пласман на турнирот.