Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
МКК Куманово оствари шест победи во низа, и календарската година ја завршува на петото место на табелата во Првата лига за мажи.
Во синоќешниот натпревар против ТФТ од Скопје славеа со убедливи 78:59, со што се реваншираа за поразот на дебитанскиот настап во Првата лига за мажи.
Со последниот триумф остваруваат шест победи во низа, а натпреварот беше прв меч во вториот дел од првенството. Успехот е поголем затоа што два од натправарите се играа без присуство на публика, а три на гостински терен.
„Очекувавме и се надевавме, свесни сме каков тим имаме и прогнозите на стартот беа дека ќе се пласираме на средината на табелата. Успехот ни дава серизни причини да веруваме дека може и подобро, колку и да е неизвесен спортот“, истакна помошник тренерот Мартин Атансовски.
Натпреварот се играше на домашен терен, во салата на економското училиште „Перо Наков“, а само првите 11 минути се водеше равноправна борба. Веќе во втората четвртина кумановци направија разлика од 15-0, за да на полувреме заминат со истата разлика и резултат од 44:29. Во последниот квартал кумановци имаа предност од 25 поени, а до крајот на мечот тимот од Тафталиџе само делумно успеа да го ублажи поразот. Со овој натпревар ТФТ Скопје се симна од првото место на табелата, додека МКК Куманово ја зацврсти позицијата на 5 место, со вкупно освоени 20 поени во националниот шампионат.
На теренот повторно се истакна Урош Луковиќ, со постигнати 25 поени и 19 скока, а Радукиќ на тимот му донесе 19 поени.
МКК Куманово има двонеделна пауза од натпревари поради празниците. Следниот меч се игра на 11 јануари, на гости кај „Еуро Никел 2005“ во Кавадарци. Тимот е на 10-то место на табелата со само три победи и девет порази во досегашниот тек на шампионатот.