Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сценариото на филмот „На колена“ влезе во потесен избор на аматерско сценарио на фестивалот Прикс Ројал во Париз
Критика на модерното општество преку проблемите на младите е тема на аматерскиот филм „На колена“, што го снимаат двајца млади кумановци. Филмот е во продукциска фаза, а на него работат режисерот Предраг Анѓеловски и продуцентот Милан Богдановски, кои заедно го направиле сценариото.
„Го средивме сценариото за да ни се допадне нам, а потоа направивме тим со кој ја започнавме продукциската фаза. Презадоволни сме од актерите кои се вклучени, сите се дојдени со амбиција и желба да направиме добар филм. „На колена“ е критика на денешното модерно општество во кое живееме, а фокусот е на младите. Овој проект е резултат на потребата да се зборува за проблемите кои ги имаат тинејџерите во 21-от век, односно нашата реалност“, вели продуцентот Богдановски.
Двајцата пријатели веќе подолгo време се подготвувале да се докажат со филмско остварување и работеле на повеќе идеи за да создадат свое дело.
„Предраг и јас се знаеме одамна, и во тој период разменивме голем број на идеи. Соработката ја започнавме на почетокот на годината, кога тој ми го презентираше сценариото и ми предложи да бидам продуцент. Екипата е составена пред се на пријателска основа и имаме одлична атмосфера помеѓу нас. Наидуваме на разни препреки, но тие се нормални кога се реализира проект. Предраг е окупиран со анализа на филмските класици, но и оние кои се потценети од јавноста. Јас моето искуство во снимањето и сликата како општ поим, сакам да го искористам во нешто поголемо, во овој случај нешто ново во нашиот град,“ објаснува Богдановски.
Актерската екипа ја сочинуваат: Кристијан Петковски, Валентино Цветановски, Јована Милошевска, Марија Милошевска и Бранко Стојковски.
Филмот се снима на повеќе локации во Куманово, на отворено и во затворен простор. Подршка и помош добиле од неколку локални општествено одговорни фирми кои се согласиле да им излезат во пресрет со ослободување на студио, шминкање, фризура и други реквизити.
Сценариото на нивниот филм влегло во потесен круг за избор на аматерски сценарија на најдобриот фестивал ПриксРојал Париз, во конкуренција од 153 во Европа.
„ Пред неколку недели добивме известување дека сме помеѓу 12 најдобри, а на следното одлучување ќе бидат најдобрите 10 кои ќе добијат награда,“ додава Богдановски.
Авторите имаат амбиции филмот да биде прикажан во кино салите, но и на ТВ екраните, а планираат да се пријават и на повеќе државни, но и меѓународни фестивали.
(Д.Д.)