×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Младите и локалните политики: Исклученост, апатија и недоверба

    06.12.2024 09:53 | KumanovoNews

    Младите се двигатели на општествените промени, но нивниот глас често останува неслушнат.

    Младите и локалните политики: Исклученост, апатија и недоверба

    Анкетата спроведена во општините Струмица и Гостивар открива сериозни предизвици за учеството на младите во креирањето и спроведувањето на локалните младински политики.

    Анонимната интернет-анкета ја реализираа Организацијата на жени од Струмица и Иницијативата за граѓански интеграции (ИГИ) од Гостивар, во рамки на акцијата „Младински активизам за феминизам“, дел од проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, финансиски поддржан од Европската Унија.

    Во рамки на анкетата беа опфатени 200 девојки и момчиња на возраст од 16 до 25 години, во двете општини. Анкетирањето се спроведе во септември годинава, а целта беше да се утврди нивото на вклученост на младите во локалните политики, и дали општините при креирањето на програмите и стратегиите подеднакво ги земаат предвид различните потреби на девојките и момчињата.

    Анкетата ги сондираше ставовите и перцепциите на девојките и момчињата за да се идентификуваат нивните различни потреби, интереси, како и предизвици за унапредување на статусот и улогата на младите во локалните заедници.

    Истражувањето покажа дека огромни 90% од младите во двете општини никогаш не биле консултирани при креирањето на младински политики. Само 10% од нив учествувале во активности организирани од граѓански организации, додека институциите ретко покажуваат иницијатива за директно вклучување на младите.

    Особено загрижува тоа што висок процент од испитаниците (70% во Гостивар и 59% во Струмица) не се заинтересирани за вакви процеси, што укажува на апатија и недоверба кон локалните власти.

    Девојките во двете општини истакнаа дека се чувствуваат небезбедно во физичкиот и дигиталниот простор поради различни форми на родово засновано насилство, како што се сексуално вознемирување, психолошко насилство и говор на омраза.

    Момчињата, пак, ја потенцираа штетната улога на големиот број обложувалници и лесната достапност до опојни дроги, кои создаваат дополнителни ризици за нивното здравје и благосостојба.

    Момчињата и девојките се соочуваат со различни проблеми и предизвици во своите локални заедници и имаат специфични потреби, но сепак и едните и другите имаат недостаток од простор за дружење и социјализација, од културно – забавни и спортско – рекреативни активности, а сметаат и дека проблемот со загадувањето на воздухот го нарушува нивното здравје и квалитетот на живот.

    Анкетата во општина Струмица опфати 100 млади лица над 16 години, девојчиња и момчиња кои живеат во урбани и рурални средини и имаат различни националности. Најголем дел од испитаниците беа на возраст од 17 години (47%), а најмалку над 18 години (13%).

    Мнозинството млади од Струмица како најголеми проблеми со кои се соочуваат ги навеле сигурноста и безбедноста. Тие истовремено се загрижени за нивното ментално и физичко здравје, а се жалат и на недоволно културни и спортски активности.

    „Девојките не се чувствуваат безбедно и сигурно поради нивната поголема изложеност на различни форми на родово базирано насилство - сексуално вознемирување и сексуално насилство, психолошко насилство (понижување, закани, заплашување итн.), како и на говор на омраза на интернет просторот. Од друга страна, физичкото насилство меѓу момчињата влијае тие да не се чувствуваат безбедни и сигурни во средината во којашто живеат. Сите овие проблеми се поврзани и со предизвикот за зачувување на физичкото и менталното здравје на младите.“, вели Ленче Христова од Организација на жени од Струмица.

    Дури 92% од младите во Струмица не биле вклучени или консултирани од локалната власт во процесот на дизајнирање на младинските политики. Само 8 од вкупно 100 анкетирани лица учествувале во активности организирани од граѓански организации – едукативни работилници и дебати.

    Анкетата покажа и дека повеќе од половина од испитаниците или 59% воопшто не се заинтересирани да учествуваат во консултативни процеси организирани од Општината.

    „Еден од факторите кој влијае на ваквата состојба е неинформираноста на младите девојки и момчиња за можностите и механизмите за учество во овие процеси. Во Струмица постои Локален младински совет и тоа е еден од механизмите за вклучување на младите во развојот на политиките и во процесот на одлучување, но потребна е дисеминација на информациите за ваквите и слични механизми. Од друга страна, младите не веруваат дека со нивната вклученост можат да предизвикаат одредени позитивни промени кај локалната власт. Овие причини, како и генералната апатија, влијаат на ниското ниво на вклученост и интерес за младинско учество.“, смета Христова.

    Според Христова, резултатите од анкетата покажале дека потребно е општинските власти да ги консултираат младите луѓе за да идентификуваат и развијат соодветен пристап за нивно мотивирање и зголемување на учеството во развојот на локалните младински политики и во процесот на донесување одлуки.

    Во Општина Гостивар беа анкетирани вкупно 100 млади лица над 16 години, од кои 90% не биле вклучени или консултирани од локалната власт во процесот на дизајнирање на младинските политики. Само 10% учествувале на работилници и дебати поврзани со прашања кои се од интерес на младите.

    Според резултатите од анкетата високи 70% од младите испитаници не се заинтересирани за учество во консултативни процеси организирани од општината.

    „Изоставувањето на поголема младинска вклученост и акција при носењето одлуки од локалната власт се должи на неколку причини: Локалната власт недоволно ги вклучува младите, а од друга страна голем дел од младите не изразуваат интерес за учество во консултативни процеси, што покажува дека постои и недостаток на доверба или мотивација кај нив. Соодносот меѓу недоволните иницијативи од општината и слабата заинтересираност кај младите создава ситуација каде нивната вклученост останува на ниско ниво.“, вели Маја Христовска од Иницијативата за граѓански интеграции (ИГИ) од Гостивар.

    Младите од Гостивар сметаат дека општината треба да биде поактивна, да ги информира и да го поттикнува нивно учество во креирањето и спроведување родово – сензитивни младински политики. Според нив, потребно е да се организираат младински форуми, собири, какао и платформи за комуникација и размена на идеи.

    Најголемите проблеми за девојките во Гостивар се поврзани со здравата и безбедна средина, и со социјалниот и културниот живот. Според нив, Општината во младинските стратегии и програми треба да креира мерки за заштита и спречување од сексуално насилство, безбеден и сигурен простор за поголема интеракција и социјализација, како и активности за развој на спортско – рекреативни содржини и побогат културно – забавен живот.

     И за момчињата најголемите проблеми се поврзани со нивната безбедност, здравје и социјалниот живот. Тие сметаат дека општинските власти треба да развијат и спроведат мерки за спречување на физичкото насилство во заедницата. Според нив, неопходни се мерки за спречување на лесната достапност на обложувалниците за малолетните лица, но и активности за заштита на психичкото здравје на младите кои се зависни од коцкање.

    Заедничките потреби на момчињата и девојките од Гостивар се насочени кон решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, кое го нарушува нивното здравје и квалитетот на живот. И едните и другите не се чувствуваат безбедно и сигурно поради огромниот број бездомни кучиња и бараат од Општината да преземе хумани мерки за решавање на овој проблем.

    Според резултатите од анкетата, младите сметаат дека општините не се грижат за нивните потреби, а тоа води кон нивна апатичност и им ја зголемува недоверба кон локалните власти.

    Младите луѓе, исто така, сметаат дека локалните власти треба да вложат поголеми напори за поттикнување на младинското учество, преку различни форми на споделување информации за можностите и механизмите за вклученост во консултации за прашања кои се од нивен интерес.

    Сепак, анализата покажа и дека постои потенцијал за унапредување на младинските политики во Струмица и во Гостивар. Со поголема транспарентност, инклузија и фокус на родовата еднаквост, општините можат да создадат услови за реално младинско учество и зајакнување на младинската заедница.

    Авторка: Маја Јовановска

    Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.