Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Опасноста од уривање на мостот на реката Пчиња во истоименото кумановско село Пчиња ги вознемири жителите, кои побараа надлежните итно да преземат мерки за негова санација.
Тие кажуваат дека мостот е оштетен во големата поплава во 2013 година, и оттогаш бараат помош од сите државни и локални институции, но и покрај многуте ветувања никој не им излегол во пресрет. Пред секои избори ги посетуваат политичари од сите партии, но решение за нивниот горлив проблем се уште нема.
„Мостот е во многу лоша состојба, оштетен е 99,9 отсто. Скршени се двата главни столбови кои ја држат средината на мостот, а и другите се оштетени. Прашање на време е кога ќе падне, дали од поплава или од тежина. Поминуваат луѓе со трактори тешки и по 7 тони, лесно може да се случи несреќа. Патот се води како регионален поврзува уште 3 кумановски села и неколку скопски. Ние со години наназад бараме мостот да се поправи или да се изгради нов, но безуспешно. Има најава дека во 2024 година општина Куманово ќе одвои средства за негова реконструкција, но дали тоа ќе се случи ќе видиме“, вели Александар Илиевски, претседател на месната заедница во селото Пчиња.
Тој вели дека доколку мостот се урне околу 250 жители ќе останат без единствената врска кон Куманово, ќе го отсече училиштето, како и селата Вакв, Винце и Длга. Мостот е изграден во седумдесетите години на минатиот век и оттогаш не е поправен.
Предупредувањето дека мостот во селото Пчиња е во опасност од надојдените води, поради што треба да се преземат мерки заштита на граѓаните, утринава до медиумите, локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување ДЗС и МВР го испрати Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Претставници на месната заедница на селото Пчиња велат дека до нив не стигнало такво известување, па со право се загрижени за својата безбедност.
„Од медумите дознавме дека мостот е во опасност и треба да се преземат мерки за заштита на граѓаните.Утринава на мостот беа екипи на МВР и ЦУК, но си заминаа без да ни дадат некакви инструкции. Ако е точна информацијата дека ќе има зголемена количина на вода мостот треба да се затвори, да се постави лента и да се регулира сообраќајот. Вака сме препуштени сами на себе“, вели Илиевски.
Тие преку здружението „Еко Пчиња“ на социјалните мрежи апелираат до жителите и посетители на с. Пчиња во наредниот период со посебна внимателност да се движат и да не поминуваат со тешки товарни возила по мостот, а апелираа до надлежните органи да превземат мерки што е можно побрзо да се реши проблемот.