Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Родителите да бидат ослободени од плаќање на месечниот надомест за градинка во времето додека децата се дома поради кризата со коронавирус, ќе предложи коалицијата на СДСМ на наредната седница на Советот на Општина Куманово.
Предлогот е да не се плаќаат режиските трошоци, кои изнесуваат од 500 до 800 денари, кои родителите имаат обврска да ги платат кога децата се запишани, а не одат во градинка.
Градинка „Ангел Шајче“ престана да работи на 11 март, со одлука на Влада.
„Ние предложивме а управниот одбор донесе одлука, а на седницата ќе расправаме и се надевам ќе биде усвоена одлуката за потполно ослободување од плаќање на надоместокот на родителите чии деца не ги користеа услугите на градинката од периодот на затворање на градинката се до нејзиното ставање во функција. Сметам дека ова ќе придонесе и за материјалните можности за нашите граѓани, а исто така дека тоа е правична одлука со оглед на тоа дека не по вина на родителите или по сопствен избор нивните дечиња не можеа да ги користат услугите на детската градинка“, кажа претседатеката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска на денешната прес конференција.
Таа потсети дека Советот на последната седница ја намали фирмарината од 6.000 на 4.000 денари, а ги ослободи угостителите од плаќање на комуналната такса за користење на простор на јавно уредени површини за оваа година.