Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово нема пункт за изнајмување на велосипеди, ниту доволно уредени велосипедски патеки.
Такви пунктови има во Скопје и Охрид, но граѓаните сметаат дека тоа тешко ќе профункционира кај нас, бидејќи засега не можеме да се споредуваме со туристичкиот центар и со главниот град.
Спортскиот директор на велосипедскиот клуб “Вело - М“, Марјан Петровски вели дека треба многу напори за една ваква идеја да стане реалност. Тој објаснува дека и во главниот град има обиди за изнајмување на велосипеди, но и таму нема голем интерес.
Треба преку смс порака да се наплаќа за изнајмување на велосипед. Така е во сите европски метрополи. Не треба обични, туку адекватни велосипеди за една градска средина. Кај нас има само две велосипедски патеки, но тие се узурпирани од превозници и се користат како паркинг простор. Полицијата не интервенира, а тоа може да се среди многу брзо лесно. Има два булевара, има две патеки и нив треба да ги користат велосипедистите - објаснува Петровски.
Луѓето кои го следат спортот со години велат дека Куманово може да се пофали со успешни велосипедисти, но не и велосипедски патеки. Стефан Петровски, член на “Вело - М“ вели дека патеката на кејот повеќе се користи за пешачење отколу за возење.
Треба да се стави ознака и да се обележи дека тука има патека за велосипеди. За подолга релација може да се искористи и патот Куманово - Свети Николе - додава Петровски.
Нашите соговорници се согласуваат дека треба да се исполнат одедени предуслови за да се отвори пункт за велосипеди.