×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • На Куманово му недостигаат 33 пожарникари, Старо Нагоричане со најстар возен парк 

    06.06.2023 15:56 | Оливера Пешевска

    Во кумановската Противпожарна единица недостигаат 33 пожарникари за целосна екипираност на единицата, согласно законски пропишаниот минимум, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

    На Куманово му недостигаат 33 пожарникари, Старо Нагоричане со најстар возен парк 

    Според законските прописи треба да има еден пожарникар на 1.500 жители, а во Куманово работат само 45 лица што значи дека има помалку од еден пожарникар, односно само 0,6 на 1.500 жители. Ако се земе предвид дека Противпожарната единица на Куманово ги покрива градот и околината и дополнително липковскиот регион, оптималниот број на 125 илјади жители би бил нешто помалку од 70 вработени.

     „Колку сме, толку сме. Тешко се прават распореди за смени и годишни одмори, но се вклопуваме некако. Сепак, сите сме максимално подготвени, увежбани и истренирани за брз и ефикасен одговор на било каков повик“, вели Деан Илиевски, командир на ППЕ Куманово.

    Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, Општина Куманово е втора по недостиг на пожарникари, веднаш зад Скопје на кое му недостасуваат повеќе од 200 професионалци. Од друга страна , пак, според овој критериум повеќе вработени од предвидениот законски минимум имаат токму новоформираните единици на Старо Нагоричане и Ранковце, кои располагаат со 3,9 пожарникари на 1.500 жители.

    Покрај кадровската (не)опременост, ниту состoјбата со возниот парк не е ништо подобра.

    Североисточниот регион, за жал, е на врвот на листата со просечна старост на возилата од 35 до 39 години кој во оваа статистика има 3 од четиритте најлоши резултати.

    Неславното прво место го зазема новоформираната Противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Следна, со просечно стари возила од 38 години е Противпожарната едница во Кратово, а возилата на Крива Паланка се стари во просек 35 години, додека едно од нив -  ФАП дури 56 години. Најстарите возила во Куманово, пак се од 1978 година.

    Од ППТЕ Куманово велат дека има некои обиди за подновување на теренските возила и возила за интервенции, но се недоволни. И новите возила бргу се амортизираат поради фреквентната употреба.

    „Добивме едно пик-ап возило за гаснење на шумски пожари кон крајот на минатата година, а во тековната очекуваме уште две исти такви нови.Тоа се возила опремени со резервоар со капацитет од 450литри, со високо-потисна пумпа кое штеди на вода, има голема потисна моќ и распрскувач, заради што се многу поефикасни при инеревнција и се од непреценлива вредност на терен“, објаснува Илиевски.

    Останатите теренски возила и возила за интервенција ги поправаат и репарираат, тие се во возна состојба и со нив секојдневно се интервенира и работи.

    „Започна календарски сезоната кога имаме зголемен број на интервенции, но поради временските услови и влажната земја не можеме да се пожалиме. Моментално сме под просекот за овој период од годината“, посочува командирот Илиевски, кој апелира до граѓаните да не се палат стрништа и огнови во природа.

    Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во државата недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. Најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години, а најстаро противпожарно возило има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. 
    Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.